„Bohemian Rhapsody“ со најмногу Оскари, „Green Book“ најдобар филм, Гага и Купер ја освоија публиката

25 февруари 2019

91-то издание на најпрестижните филмски награди Оскари, помина во знакот на неколку клучни моменти: први Оскари за Рами Малек и Лејди Гага, за многумина изненадувачки Оскар за Најдобар филм за „Green Book", најмногу Оскари за биографскиот „Bohemian Rhapsody", политичкиот говор на Спајк Ли кој го режираше „BlacKkKlansman" и најочекуваниот настап на вечерта, Лејди Гага и Бредли Купер со вонсериска изведба на „Shallow".

Рами Малек кој важеше за фаворит за Најдобра машка улога уште од самиот почеток, брилијантната сезона на филмски награди, ја заокружи со Оскарот во своите раце, што воедно беше и негова прва номинација за златната статуетка.

Во својот емотивен говор, не пропушти да и се заблагодари и на неговата партнерка во филмот, а воедно и во приватниот живот, Луси Бојнтон. Исто така направи паралела помеѓу животот на Фреди Меркјури и неговата животна приказна, ставајќи акцент на нивната заедничка имигрантска историја.

Најмногу Оскари освои токму биографската сторија во која тој го портретираше маестралниот Фреди Меркјури, „Bohemian Rhapsody", вкупно четири (за главна машка улога, монтажа, монтажа на звукот и за звук), а Оскаровската вечер беше отворена токму со фантастичен настап на членовите на Queen.

За најдобар филм беше прогласен „Green Book", за што во инсајдерските кругови се коментира и дека е изненадување на вечерта, со оглед на тоа дека во најжестока конкуренција беше филмот „Roma" на режисерот Алфонсо Куарон, кој пак повторно освои Оскар за Најдобра режија.

Ова беше голема вечер и за Лејди Гага, која го освои својот прв Оскар за Најдобра оригинална песна за „Shallow" од филмот „A star is born", но истовремено таа ги освои симпатиите и на публиката и на филмската јавност, особено со заедничкиот настап со Бредли Купер кој што утринава е најпренесуваната вест, секако со причина...

Сепак Оскарот за Најдобра женска улога ѝ припадна на Оливија Колман за „The Favourite", што исто така важи за едно од изненадувањата на вечерта, покрај фаворизираната Глен Клос.

Комплетната листа на победници може да ја погледнете на овој линк.

 

Објавено:
25 февруари 2019
Категорија: 
Култура
Прочитано:
2.655 пати
Тагови: 
Оскари 2019