„Брачна игра“- голема претстава на мала сцена

4 март 2016

„Големите претстави се играат на мала сцена", вака денеска актерот и уметнички директор на Македонскиот народен театар Тони Михајловски ја отвори прес конференцијата за претставата „Брачна игра" од Едвард Олби во која овој пат тој се потпишува како режисер.

Оваа претстава е значајна од повеќе аспекти: премиерата ќе биде со симболична дата – 27 март Денот на театарот, зборува за вечната тема, односот маж-жена во брачниот живот, ќе се игра на малата сцена со цел да се овозможи интимна комуникација со публиката, а партнери ќе бидат Весна Петрушевска и Игор Џамбазов кој за себе ќе каже дека со оваа претстава тој не се враќа, туку се навраќа на театарската сцена зашто во суштина и никогаш не ја напуштил.

„Денеска сакам со вас да ја споделам среќата за ангажманот на овие две преголеми ѕвезди на Македонскиот театар, Весна Петрушевска и Игор Џамбазов. Иницијативата за оваа претстава е токму нивна, односно по нивна покана јас сум координатор на сценските движења и драмските дејствија на оваа претстава, сѐ уште ми е незгодно да кажам режисер, иако во нашата пракса не е чудно и актери да режираат претстави. Ова е една претстава во која се дозволува да се распостеле целиот талент на еден женски и еден машки актер. Брачната игра е нешто што го пробал секој оној кој влегол во брачните води. Оваа претстава ја нуди целата онаа дискомуникација помеѓу брачните партнери „осудени" да бидат еден со друг. Претставата зборува за она што се случува кога сакате да направите промена во својот живот и кога имате волја, но немате сила. Што се случува кога ќе се спојат ексцентричноста и конзервативноста на двајца партнери и со сите оние судбини што ги носи таа брачна игра", вели Михајловски.

Докажаните актерски имиња и токму овој тимски спој, е уште еден дополнителен предизвик за задолжително проследување на претставата.

„Нема ништо подобро кога еден ваков жесток текст го работите со актер кој е реализиран, не е суетен и сака да го сподели своето искуство со вас. Точно знам дека Тони никогаш нема да ме излаже ако сум лоша, тој е актер и ќе се грижи за нашите ликови до крај. Брачна игра е идеална прилика да го преживееме сето она што досега можеби сме пропуштиле во животот да го кажеме на некој што нам ни значи. Овој чин за мене денеска е вест број еден во Македонија, затоа што ќе поставуваме еден исклучителен автор, ќе игра Џамбазов, ќе играм јас, а ќе режира Тони Михајловски" изјави Весна Петрушевска.

Игор Џамбазов оддамна не сме го виделе на местото каде што тој природно припаѓа, театарската сцена, па ова за него е суштински проект за кој призна дека за прв пат има и трема.

„Зошто е за мене значајно ова навраќање, а не враќање во театарот? Јас не сум си отишол никогаш, но не верувам дека некогаш ќе се вратам во институцијата театар бидејќи јас мразам институции, а и тие ме мразат мене. Јас сум третата генерација актери од Прличкови кои ќе играат во овој театар. Оваа претстава е стара 30 години и се однесува на една институција која еве и кај нас почнува да се распаѓа, а таа институција се вика брак. Ова не е приказна за бракот на нашите родители, туку распадот на бракот започнува некаде со нашата генерација. Не само што јас и Весна сме го преживеале, туку секоја трета реплика во претставата јас сум ја кажал во живо. Возбудата и радоста се нешто сосема друго, во врска со враќањето во театарот. Во мене има возбуда, трема и адреналин, но за мене е најважно дека ние тројца ќе работиме заедно", Џамбазов не го криеше своето задоволство.

Она што е од исклучително значење за заокружувањето на секоја претстава покрај актерската игра е и визуелното доживување, за што се задолжени костимографот и сценографот. Костимите за брачна игра ќе ги изработи модната куќа Елена Лука, додека сценографијата е на Илина Ангелова.

Иако се работи за двајца актери, нивните улоги се толку комплексни што бараат максимален ангажман во рефлектирањето на нивниот карактер во костимот.

„Ова за мене и за Елена Лука е еден голем предизвик и морам да признаам дека навистина имам голема трема, бидејќи се ставивме пред еден голем испит како бренд што ќе ја работи костимографијата за големи имиња како што се Весна Петрушевска, Игор Џамбазов и Тони Михајловски како режисер, и Илина Ангелова која е одличен сценограф. Ако вака ги гледаме работите како костимограф и тоа што не сме прв пат во ваква улога, можеби некој ќе рече дека тоа е едно мало дело, во смисла дека има малку улоги, односно двајца актери и нема многу костими што ќе треба да се изработат, бидејќи во извесни претстави сме работеле и по 100 костими. Јас ќе кажам дека ова за нас претставува најголемиот предизвик затоа што вие да следите една таква генијална емоција и актерска игра како што јас имав прилика да следам на сите проби досега, е неверојатна инспирација и предизвик дали ќе успееме да направиме визуелно заокружување на феноменалната актерска игра на овие двајца големи актери", вели Елена Пандева, сопственичка на модната куќа Елена Лука.

Особен предизвик за костимографот е визуелно да ја раскаже суштината на приказната.

„Од една страна треба да претставиме двојство на личноста или да речеме ликот на поединецот во општеството позициониран по општествени норми кои налагаат извесен дрес код или нашето однесување во текот на денот, а од друга страна кога ќе се затворат вратите на нашиот дом и спонтано ќе почнеме да го играме животот и стануваме она што сме ние. Сето тоа да успеете да го доловите визуелно во костим, не беше воопшто едноставно. Двајцата актери носат по два костими, користени се многу детали, како марами, ланци, шалови, форми и линии карактеристични за хипи ерата, односно периодот од доцните 60-ти и почетокот на 70-тите години. А тоа подразбира опуштени кроеви лесни за сценски движења што го доловуваат и нивниот слободен дух, богат колорит, „хипнотизирачки принтови".При изборот на материјалите внимававме актерите пред се пријатно да се чувствуваат во костимот па затоа одбравме свила, памук, сомот.  Се надевам дека на 27 – ми сето ова ќе успееме да ви го доловиме онака како што ние сме го замислиле", додава Елена Пандева.

Со оглед на тоа дека приказната се навраќа во хипи периодот, сценографијата ќе изобилува со многу детали.

„Претставата ќе се одвива на Малата сцена, што мислам дека е предност кога станува збор за овој текст, бидејќи и публиката ќе биде блиску и ќе може да ја почувствува напнатоста и односите меѓу актерите. Што се однесува до сценографијата таа треба да ја поддржи целата приказна што се случува, значи станува збор за хипици што живеат заедно кои ќе ги следиме во еден временски период од 30 години. Сето тоа треба да се види и во самиот дизајн на сценографијата. Сцената ќе биде исполнета со многу детали, доста визуелни коментари што ќе ја поддржат самата приказна на претставата", изјави сценографката Илина Ангелова.

Премиерата на „Брачна игра" е закажана за 27 март. Картите за истата ќе чинат 1000 денари, додека редовната цена на претставата ќе биде 600 денари.

Објавено:
4 март 2016
Категорија: 
Култура
Прочитано:
2.991 пати