Летен лексикон

Бранка Костиќ: На одмор не одам без спакуван половина стан

7 јули 2017

Сигурни сме дека повеќето од вас се сеќаваат и пополнувале лексикони во детството.

Ние одлучивме да се потсетиме на убавите години, а воедно да ги потсетиме и нашите соговорници, па во летниов период низ содржините на Fashionel.mk ќе читате летни лексикони.

Покрај интересните одговори, ќе има и ретро летни фотографии, како и листа за тоа што можете да читате, гледате и слушате додека сте на одмор.

Летнава рубрика ја стартуваме со Бранка Костиќ-Марковиќ, музички новинар и публицист.

Бранка Костиќ - Марковиќ

Уживајте:

 

Сте пополнувале ли некогаш лексикон?

-Да. А има ли девојче кое не пополнувало лексикон и споменар? :)

Прва асоцијација за лето...

-Изгребани детски колена од целодневна игра на улица.

Прв летен одмор без родители...

-Во второ одделение во одморалиштето „Страхил Андасаров“ во скопското село Љубанци. 

Кои Ви беа омилени активности како дете за време на летниот распуст...

-Играње ластик, жмурки, школка, народна, возење велосипед  на кејот на Вардар, правење торта од кал, прскање  со црево, шишање кукли, одење на село кај бабите и дедовците, одење на море со родителите и неизоставно одење на планина или море преку училиштето. Секако и читање лектири, свирење виолина и настапи со хор.

Бранка (првата од лево) во друштво е на другарките Вики и Нате - фотографија од одмор од Грција кога Бранка имала три години

Предлог книга за на плажа...

-Никогаш не сум лежела долго да се сончам, па можам да кажам дека најмалку читам на плажа. Такви ни се и летувањата. Одиме на места каде можеме повеќе да шетаме, отколку да седиме стационирани во едно место со целодневни „плажарења“. Порано, покрај море обично уживав во глетката, со музика и пијалак во некое мирно кафуле, во разговори, прошетки, размислувања... Затоа и не паметам дека некогаш сум читала на плажа, освен некој туристички водич како подготовка за местата кои се во план да бидат посетени. Инаку, и зиме и лете, читам наутро и навечер во кревет. Што се однесува до последниве пет години, откако го имам син ми, сè му е подредено нему. Значи, играме, шетаме и читаме тоа што него го интересира. И ако треба да предложам нешто што сега е актуелно во мојот живот, тоа би била серијата сликовници „Авантурите на Дина и Додо“. Но, ајде да не биде дека не ви споменувам ниту една книга за возрасни. Изборот за ова лето нека биде некоја книга раскази како на пример „Раскази за морето“ од Иво Андриќ. 

Ова лето слушам...

-Јас како професионален музичар никогаш не сум можела да направам избор што е летен, а што хит за друго време. Таквите поделби не функционирале за мене. Зависело од моментната инспирација и атракција од некоја песна која се појавила во дадениот момент. Но, последниве години слушам она што ќе избере син ми, а тој е махер за прогнозирање хитови. Штом ќе слушне добра песна песна, бара постојано да ја слуша и таа навистина после ги окупира музичките канали и топ листи. Во моментов ги слушаме  „Human“ од Rag'n'Bone Man, „Shape of you“ од Ed Sheeran и „Thinking of You“ од Elias. Тие звучно ни го „бојат“ ова лето.

Ова лето гледам...

-Ова лето повторно му се навратив на серијалот документарни филмови за историјатот на блузот “The Blues” во продукција на Мартин Скорсезе. Уживам кога и да го гледам.

Омилен летен настан, фестивал, културно случување...

-Без конкуренција тоа е фестивалот „Охридско лето“ кој едвај чекам да се врати на старите добри патеки, да биде повеќе уметнички од естраден. Тој е фестивал од светски формат со блескава историја според бројот и големината на уметниците кои настапувале на него, пред сè во магичната црква „Света Софија“. Овој фестивал е нераскинлив дел од мојот приватен и професионален живот, а со тоа и најдраг.

Што е за Вас знак дека стасало летото?

-Сонцето, врелиот скопски асфалт кој испарува на испразнетите улици, летните манифестации на отворено, разлетаните мисли кон езерата и морињата, лежерните дружења со роднините и пријателите раселени по светот, а дојдени во својата прва дома за распуст, радосната детска врева по парковите и убавите и релаксирани исончани луѓе низ кафулињата...

Што ако се расипе клима на +40?

-Ништо. Јас уживам во летото и топлото време. Страшно е да ми се расипе на – 15 и да не можам да се стоплам.

Во кои ситуации се зацрвенувате?

-Се вцрвувам од туѓ срам, од ненамерна лична грешка, од првите сончеви зраци на море или планина, од љубов, од среќа, од возбуда на добар концерт, од лутина заради неправда и нечија невоспитаност...

Што најмногу Ве иритира на плажа?

-Ме иритира прегласна, агресивна и лоша музика која не дозволува да се ужива во звукот на морето. Ме нервира немањето чувство на голем дел од луѓето кон останатите кои имаат полно право да уживаат колку и тие. И секако, нехигиената и негрижата за околината.

За што размислувате додека лежите на плажа?

-Се обидувам да влезам во една ментална зона за која Србите имаат термин „доколица“. Ние за жал немаме таков термин, па ако се обидам да преведам, тоа би било еден вид на квалитетно, креативно денгубење или пуштање на мозокот на корисно „пасење“.

Се сеќавате ли на првата летна љубов?

-Даааа... Тоа беше на летување со училиштето во кампот во Чањ, Црна Гора, каде се вљубив во летувалец од Србија.

Без што не заминувате на летен одмор?

-Без спакуван половина стан, да не случајно ми затреба нешто :)

Објавено:
7 јули 2017
Категорија: 
Култура
Прочитано:
958 пати