Бруно Ганц и Алексеј Серебрјаков - добитници на Специјалната „Златна камера 300“

11 септември 2015

Ѕвезди на годинешново 36-то по ред издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ се двајцата актери Бруно Ганц и Алексеј Серебрјаков, беше соопштено на денешнава прес-конференција, на која исто така беа објавени насловите на филмовите во натпреварувачките програми, како и нивните гости.

Богата програма во 13 целини и стотина филмови ќе може да проследи публиката во десетте дена од фестивалот што ќе се одржи од 18. до 27. септември.  Директорот на фестивалот, Димитар Николов, најави дека свеченото отворање на фестивалот ќе биде со светската премиера на македонскиот филм „Лазар" на режисерот Светозар Ристовски.

-Една недела пред почетокот на фестивалот со задоволство можам да изјавам дека сме подготвени на публиката да и подариме уште едно издание во кое ќе може да ужива во добри филмови, голем број работилници и придружни активности. Морам да нагласам дека промоцијата на македонските филмови на најголемиот фестивал во земјава ни е чест и морална обврска. Секој голем фестивал широко ги отвора вратите за националните кинематографии, а „Браќа Манаки" ја следи таа практика. Затоа, со голема радост најавувам дека и годинава на свеченото отворање на фестивалот публиката ќе ја почестиме со светска премиера на македонски филм. Станува збор за филмот „Лазар" на режисерот Светозар Ристовски, кој по речиси 11 години ќе се претстави со нов филм. Дел од авторската и актерската екипа на филмот ќе бидат наши драги гости и се надеваме дека отворањето ќе биде настан за кој долго ќе се зборува – рече Николов.

Директорот Николов ги соопшти и имињата на добитниците на Специјалната „Златна камера 300" за особен придонес во филмската уметност.

-Неизмерна чест ми е да ги најавам и добитниците на Специјалната „Златна камера 300". Двајцата ја делат истата професија, припаѓаат на различни генерации и географски и творечки простори, но секој од нив е актерска пројава пред која публиката се поклонува зашто во секоја наредна улога се надминува себеси. Горди сме што гости во Битола ќе бидат легендата на европскиот филм Бруно Ганц и рускиот актер Алексеј Серебрјаков. Верувам дека не треба многу да образложувам зошто двајцата заслужуваат да влезат во Клубот на великаните на нашиот фестивал. Нашите селектори се погрижија подетаљно да ви ги претстават во материјалите што ќе ги добиете.

Официјалната програма ја сочинуваат: „Сикарио"(Вилнев/Дикенс), „600 милји" (Рипштајн/Маркоен), „Убиец" (Ху Хсиао-Хсиен/ Ли Пинг Бинг), „Црни души" (Мунѕи/ Радовиќ), „Магбет" (Курцел/Аркапо), „Синот на Саул" (Немеш/Маќаш), „Викторија"(Шипер/Гровлен), „Тимбукту" (Сисако/Ел Фани), „Нашата мала сестра" (Хироказу/Микија), „Нахид" (Панахандех/Геиди), „Белите ноќи на поштарот" (Кончаловски/Симонов), „Мојата мајка" (Морети/Катинари) и „Земја и сенка" (Гусман).

Годинешново издание се одржува под мотото „Филмот е убав“.

Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки" се одржува секоја година во Битола, организиран е од Друштвото на филмските професионалци на Република Македонија, под покровителство на претседателот на Република Македонија, како и со поддршка на Министерството за култура, Агенцијата за филм на Македонија и Општина Битола.

 

Објавено:
11 септември 2015
Категорија: 
Култура
Прочитано:
207 пати