Чолиќ од срце за сите: Нè врзува минатото, културата и музиката!

13 мај 2019

Во тегет мантил, со фармерки во слична нијанса, карирано палто и маица (стил по кој е препознатлив), музичката легенда пристигна на средбата со новинарите на Градскиот стадион (односно арена Филип Втори, односно Тоше Проески) каде и ќе се одржи концертот закажан за 15 јуни.

Каде и да се појави, 67-годишниот шармер предизвикува возбуда кај спротивниот пол, па редицата за фотографирање е неизбежен момент.

После двата успешни концерти во Скопје одржани кон крајот на минатата година, Македонците ќе имаат можност да уживаат и во трет, овој пат на „отворено“.

„ Добар ден на сите. Се враќам во некои времиња кога настапував на „стариот“ стадион. Но, познат ми е изгледот и на новиов, тука се играше финалето на Лигата на шампиони во фудбал, така што посебна чест и задоволство е да се настапи на овој стадион. Ова не беше моја идеја, туку на организаторите. После кратко размислување, и настапите во „Борис Трајковски“ во рамки на мојата концертна турнеја, која сè уште трае и предлогот да се направи и летен концерт овде, ја прифатив поканата и навистина е убаво што сум повторно тука. Се надевам дека и времето ќе нè послужи и ќе имаме вечер за паметење“, изјави Чолиќ на почетокот од средбата.

Организаторите, „Прагма продукција“ најавуваат дека ова ќе биде досега невиден концерт за нашите простори.

„Кога го најавивме овој концерт, сите се прашуваа зошто, бидејќи неодамна беа претходните два. Уште тогаш кажавме дека имаше интерес за уште еден. Со овој сакавме да овозможиме да оние што не присуствувале на претходните, а сакале, или тие што биле, но се за реприза, можат да дојдат. Токму затоа и овој концерт го нарековме „Од срце за сите“, со билети со симболична цена од 300 денари, за да може секој да си купи. Тоа што го претпоставуваме и се потврди – интересот е голем. А да се работи со вака големо име е секогаш предизвик. Задоволството не можам да го сокријам и морам да истакнам дека многу често сум повозбуден дури и од оние што настапуваат – изјави Кристијан Стефановски од „Прагма мјузик ентертејмент“.

Сцената ќе биде висока околу 20 метри, долга околу 50 метри, а на неа освен Здравко, ќе има и многу гости, гудачки оркестар... Пиротехниката и специјалните ефекти ќе бидат исто така дел од доживувањето.

Чолиќ откри дека пред концертот ќе биде објавен и нов спот.

„ Се подготвува спотот за насловната нумера од овој албум „Оно мало среќе“, ќе излезе наскоро, пред скопскиот концерт. Пред неколку години го снимавме спотот за „Ватра и барут“ со Влатко Стерфановски токму во Скопје, што претставуваше убава разгледница на градот, а дали ќе има уште еден овде, не знам, не е исклучено“ вели пејачот.

Со оглед на тоа дека од утре започнува и „Евровизија“, Чолиќ се потсети и на неговиот голем евровизиски хит „Гори ватра“.

„Тоа е песна на Кемал Монтено и правена е за нашиот пазар. Беше победничка на  фестивалот во Опатија, а тогаш важеше тоа дека победникот од тој фестивал оди на „Евровизија“. Но, тоа не е евровизиска песна, тоа е песна правена за нашето поднебје, југословенско. Немаше висок пласман, но јас оставив впечаток и потпишав за германска продукција и ми влијаеше позитивно врз кариерата. Песната остана и јас со задоволство си ја пеам на концертите. А „Евровизијата“ во тоа време беше одличен фестивал, кој ги пратеше светските трендови и музички беше многу посодржаен од она што ќе стане подоцна. И денес е одлична манифестација, сценска, но во музичка смисла – краткотрајна, бидејќи песните ретко кога остануваат и по фестивалот. Но, случувањето само по себе е гламурозно за да се учествува и комерцијално. Мене ми беше одлично дружење и беше на почеток на мојата кариера, еден од моите први големи настапи и ми остана во сеќавање тој настап во Луксембург. Мислам дека тоа е идеална прилика за млади гласови, кои немаат што да изгубат, напротив“, сподели Здравко.

За крај на средбата, ги повика сите да дојдат и да се забавуваат со него на 15 јуни:

„ Драги пријатели, се гледаме на концертот. Би сакал сите луѓе од Македонија кои сакаат да дојдат да бидат со нас на 15 јуни и да пратиме порака на љубов, пријателство и заедништво, за врмето за кое нè врзува минатото, но се надевам и иднината. Таа порака за љубов, мир и пријателство што ќе ја пратиме преку музика, нека биде повик за тоа што со години го сакаме и благодарение на кое другаруваме – песната, која нè врзува и културно“, порача Чолиќ.

 
 
 
View this post on Instagram

A post shared by FASHIONEL.mk (@fashionelmk) onMay 13, 2019 at 6:00am PDT

 Инаку, за сите оние што ќе бидат дел од оваа голема забава под отворено небо, важно известување е дека за посетителите на концертот од другите градови на Македонија ќе има и организиран превоз, а од истата причина ќе им и специјален возен режим во центарот на градот и околу спортската арена. Влезот ќе биде отворен од 17 часот, со цел да се избегне метежот.

За потсетување, билетите веќе се продаваат и тоа преку продажната мрежа „Купи карти за се“, „½ Југотон“, „Југотон“ и „Розе Веро 2“, се очекува повеќе од 60.000 луѓе да бидат во арената.

 

А како течеше разговорот на претходното негово гостување, читајте ОВДЕ.

Објавено:
13 мај 2019
Категорија: 
Култура
Прочитано:
1.572 пати