Да ја заокружиме годината со насмевка – премиера на комедијата „Првин ќе ме земеш после ќе ме...“

23 декември 2016

Оваа недела (25 декември) во продукција на театарот „Крик", а на сцената на театар „Комедија" премиерно ќе биде прикажана претставата „Првин ќе ме земеш после ќе ме..." која во овој претпразничен период, добро ќе ја насмее публиката.

Режијата на претставата е на Ѓорѓи Ризески, костимографијата на Елена Лука, улогите ги толкуваат Роберт Ристов, Мирјана Ристов и Дарко Вељиќ, а Роберт се потпишува и како сценограф на претставата.

„Дејствието на претставата се случува овде и сега, во еден реален временски интервал, за време на едновечерна средба „на слепо", помеѓу лекторката Кети-Мјау Соколовска и ветеринарот Ѓорѓи Мучев. ...Тој, маж со неуспешен брак зад себеси, решен - никогаш повеќе да не се жени и на оваа средба гледа само како на едновечерна авантура... Таа – девојка со веќе донесена одлука - да се мажи на оваа средба, уште истата вечер. Ваквите контра очекувања, оваа средба ја прават исполнета со многу конфликтни ситуации кои во одредени моменти водат до точка на безизлезност. По пат на гласање публиката одлучува по која од понудените варијанти ќе ја градиме претставта, така што секоја нова реприза ќе биде по многу сцени поразлична од претходната изведба", Роберт ни ја откри приказната на претставата.

Со оглед на тоа дека е опфатена тема од нашето секојдневие, овде и сега, публиката ќе се пронајде во повеќе сегменти од претставата.

„Сигурно е дека ќе се пронајде себе си, но и својот партнер. Многу често, се сретнувам со дел од публиката која неретко по претставата знае да ги препознае и коментира постапките и особините на својот партнер. Шегата на сметка на партнерот секогаш ни е некако полесна", вели Роберт.

Она што нас особено нѐ интересира кога сцената е во прашање, е костимографијата. Колку костимот е значаен за оживувањето на еден лик ја прашавме Елена Пандева чиј бренд Елена Лука се потпишува зад костимографијата на претставата.

Елена Пандева

„Секогаш е голем предизвик да се работи костимографија. Сцената бара максимум од секој аспект, секој детаљ е видлив и затоа нема простор за импровизација. Како тим Елена Лука веќе имаме богато искуство во делот на изработка на сценски костими и секогаш е големо задоволство затоа што тука можностите за креативно изразување се бесконечни. Многу ми е драго што имавме можност да работиме на костимографијата за оваа комедија во која ликовите се темпераментни, динамични, танцуваат на сцена и сето тоа беше една значајна насока која не водеше во дефинирањето на костимите. Суштински е преку костимот да го олицетвориме карактерот на ликот, па затоа поминавме еден процес на анализа како тоа визуелно најдобро да го изведеме и самиот костим да зборува за улогите. Во изработката на костимите користевме материјали кои на актерите пред се ќе им овозможат флексибилност и ќе им ја олеснат играта на сцена, а притоа внимававме да бидат автентични и соодветни на нивниот карактер. Има доста комични сегменти каков што е и самиот карактер на претставата, како на пример спојот на контрасти во однос на бои, материјали и аксесоари.
Мислам дека успеавме преку костимите целосно да го доловиме карактерот на ликовите, а верувам и дека публиката ќе се забавува и претпразнично ќе се опушти со оваа претстава", вели Елена Пандева за Fashionel.

На темата за костимографијата се надоврзува и Роберт:

-Театарот е како една голема сложувалка. Костимот е многу важен дел, не само за визуелното доживување на претставата од публика, туку и во градењето на ликовите и самочувствието на актерот. Елена Лука и овој пат совршено одговори на потребите за оваа претстава, и направи костими кои во целост ги задоволуваат претходно споменатите сегменти. Голема благодарност до сите од тимот на Елена Лука.

Уште еден интересен момент од претставата е тоа што сценографијата е пресликана од постоечкото театарско бифе „Паб Комедија" во кое за прв пат се случува шоуто „Несереќни срца".

Останатите детали ќе ги дознаете во недела, на премиерното прикажување на претставата.

Не пропуштивме да го прашаме Роберт и за неговите празнични желби, на што тој ни одговори:

-Лицата да ни бидат постојано насмеани, здравје и љубов е она што секому му посакувам... Многу пријатели, мир, спокојство и живот исполнет само со радост!

Инаку, предвидено е оваа претстава по премиерното прикажување, да патува низ повеќе градови во Македонија.
Да ја заокружиме годината со насмевка – топло ви препорачуваме да ја гледате претставата.

 

Објавено:
23 декември 2016
Категорија: 
Култура
Прочитано:
923 пати