Дамир Имамовиќ и Љубојна за старт на 16 – тото издание на Off Fest

22 мај 2017

Македонскиот народен театар ќе биде местото каде овој четврток ќе се отвори 16 – тото издание на фестивалот Off Fest со Босанецот Дамир Имамовиќ и единствените „Љубојна“.

Веќе втората вечер, присутните ќе можат да уживаат во фантастичната група која ја оживеа традиционалната италијанска музика „Bella Ciao“, како и во страсниот глас на прекрасната португалска ѕвезда Gisela Joao.

Третата вечер продолжува со виолинистката и пејачка од Северна Естонија, Maarja Nuut чија музика комбинира традиционални песни и танци со електроника. Веднаш по неа, во денсинг салата на МКЦ ќе настапат Black String од Кореа кои се стремат кон нов звук што соединува различни изрази од традиционалната музика.

Вечерта ќе заврши во Станица 26 со дуото Den Sorte Skole од Копенхаген кои, како што велат од организацијата, ќе нѐ одведат на мистично и вртоглаво патување кое балансира меѓу разорниот бас и прекрасните звучни пејсажи.

Четвртата и последна вечер ќе започне со проекција на документарниот филм „Every song has its end“ во Кино Фросина за потоа сите да се префрлат на журка во денсинг салата на МКЦ за настапот на King Ayisoba и Noura Mini Seymali од Мавританија.

Она што е важно да се нагласи е дека првите две вечери на фестивалот ќе се одржат во Македонскиот народен театар, третата во МКЦ и Станица 26, а последната, четврта вечер, во Кино Фросина и денсинг салата на МКЦ.

На денешната прес конференција во МКЦ првиот човек на фестивалот, Оливер Белопета ги најави деветте концерти и документарниот филм кои се дел од годинешната програма, како и бендот Љубојна кои ќе го претстават новиот албум „Радио Љубојна“ за кој тој ќе каже дека можеби е и еден од нивните најдобри.

Тие посочија дека им е чест што се во такво прекрасно друштво и се заблагодарија за поканата од страна на организацијата.

Вера ја продолжува соработката со модната куќа Елена Лука и на концертот во рамките на Офф Фест ќе настапи во нивна креација.

„Нас ни е навистина чест да сме во вакво прекрасно друштво и мораме да посочиме дека веќе некое време се подготвуваме за концертот кој ќе биде во една сала што нуди малку поинакво доживување на музиката. Благодариме за поканата уште еднаш, ќе се обидеме „Радио Љубојна“ да го сместиме во една убава, кадифена атмосфера, со цела топлина на звукот што ја носи“, изјави Вера од Љубојна која се заблагодари и на модната куќа Елена Лука за уште една прекрасна креација.

Објавено:
22 мај 2017
Категорија: 
Култура
Прочитано:
142 пати