Во хотелот Александар Палас вечерва по јубилеен 20 – ти пат се одржа традиционалниот Виенски бал - ноќ полна раскош, мода и прекрасна музика. 

Скопје веќе две децении е дел од мапата на светски метрополи кои ја негуваат оваа вековна австриска традиција.

Посетителите и оваа година го испочитуваа дрес кодот, па така дамите одбраа претежно долги, свечени фустани, додека мажите црни костими со пеперутка вратоврска. Она што можевме да го забележиме е тоа дека дамите оваа година носеа раскошни фустани во боја, па така можевме да видиме прекрасни сини, заводливо црвени, украсени со детали во јаки бои и навистина интересни модели.

Како и секоја година, така и оваа, дел од дамите на Виенскиот бал блеснаа во креации од модната куќа Елена Лука.

Една од нив беше сопругата на премиерот Зоран Заев, Зорица Заева која за оваа свечена пригода одбра црн раскошен фустан што и прилегаше навистина прекрасно. Истиот дополнително беше украсен со романтична тантела која продолжуваше и на ракавите. Госпоѓата Заева фустанот го надополни со брановидна фризура и соодветна шминка со нагласок на црвениот кармин.

Друга дама која вечерва се одлучи за фустан од модната куќа Елена Лука беше Дунавка Трифуновска која оваа година одбра елегантен долг црн фустан во сирена крој со впечатливи карнери во долниот дел. Таа истиот го надополни со високо собрана пунџа со мрежа како детал и секако, шминка која сосема одговараше на изборот.

Уште една прекрасна дама се одлучи за долг, впечатлив црвен фустан изработен од висококвалитетен тул, украсен со суптилни, но сепак ефективни детали како мониста во предниот дел.  

Овој исклучителен фустан госпоѓата го имаше надополнето со соодветна шминка, фризура и чевли, така што впечатокот за тоа како треба да изгледа една дама на ваков настан беше комплетен.

Подеднакво прекрасна беше и оваа госпоѓа која за приликата одбра нежен долг фустан во бледо розова боја која ѝ прилегаше одлично. Фустанот изработен од неодолива свила беше дополнително истакнат со црни детали распоредени по должината и тенко ременче што на прекрасен начин ја истакнуваше силуетата на госпоѓата. 

Во согласност со нејзината нежна шминка и фризура, оваа дама изгледаше навистина одлично и имаше направено неверојатно добар и соодветен избор на фустан за настан од ваков тип.

Новинарките на Fashionel во креации на модната куќа Елена Лука

По главната улога во спотот на Владо Јаневски и освоената Златна бубамара, во улога на водителка годинава можевме да ја видиме Вера Мештеровиќ која за нејзиното деби одбра долг фустан во темно црвена боја.

По свечениот прием, сите присутни имаа можност да уживаат во фантастичните танцови точки на клубот „Прима Данца“ и звуците на оркестарот Јохан Штраус под диригентство на Бисера Чадловска.

Гостите имаа можност да уживаат и во точките на првенците на МОБ, Саша Ефтимова и Ендру Кук, а се забавуваа и на одличната музика на Бинг Бендот, Џон Илија Апелгрин, Дексо, Арт Бенд и Лина Авшар.

Амбасадорката на Австрија, Ренате Коблер

Ексклузивни гости оваа година беа танчарите од Танцовата школа „Елмајер" од Виена, школа која е успешна заради уникатната комбинација на негување на традиционалните танци и отвореност кон нови трендови.

Како и секоја година, така и оваа Виенскиот бал дел од средствата од купените билети ги донира во хуманитарни цели.

Овој пат, тие ќе бидат наменети за невладината организација „Без Ограничувања". Оваа организација се бори за јакнење на самостојноста на лица кои се движат со ортопедска количка или какво било друго помагало и поддршка на нивното вклучување во секојдневниот живот.

Објавено:
17 март 2019
Категорија: 
Култура
Прочитано:
8.349 пати