Дани го промовираше новиот албум „Град за љубов“: Емотивно сведоштво за вистинските вредности

14 ноември 2017

Вчеравечер во друштво на голем број соработници, пријатели, колеги музичари и медиуми, Дани Димитровска во МКЦ клубот го промовираше својот нов албум „Град за љубов", на кој заедно со својот тим работеше изминативе три години.

Неслучајно беше одбрана датата на промоцијата, 13 ноември – денот на ослободувањето на Скопје, затоа што ова парче музичка уметност му е посветено на градот створен од и за љубов.

Приказната на албумот ја заокружуваат осум песни, а во рамките на вчерашниот настан беше промовиран и спотот за „Лево Десно", сниман низ улиците на Скопје.

За емоцијата што ја буди, за космополитската порака што ја испраќа овој албум, како и за долгогодишните соработници заедно со кои Дани носи една посебна и секогаш свежа енергија во етерот, разговаравме со нашата поп пејачка.

„Автори на „Град за љубов" се Весна Малинова Бабамова и Кирил Бабамов. Весна не само што ми е долгогодишен соработник, туку таа ми е многу близок човек од кого црпам вечна инспирација, затоа и ја љубам најмногу. Албумот е сублимација на сите овие три години што ги живеевме во идентитети со кои сакавме инспиративно да делуваме и да пренесеме порака која вели: отворете си ги срцата, да се сакаме и да живееме во љубов, онака како што како луѓе заслужуваме да живееме", изјави Дани за Fashionel.

За својот сценски изглед Дани долги години соработува и со нашата модна куќа Елена Лука.

„Елена Лука ми е еден од омилените ликови. Лик кој не само што е докажан како професионалец и како креатор, туку е човек со големо срце. А кај мене тоа има огромна вредност. Знам дека е крајно квалитетна, тоа е докажано и со нашата долгогодишна соработка, и затоа секогаш со целосна доверба и го препуштам да го работи она што таа најдобро го знае и ја љубам со целото мое постоење".

Дани најави и концертна промоција на албумот „Град за љубов" во МОБ, првата половина на 2018 година, по што ќе следуваат концерти низ неколку градови во Македонија.

Објавено:
14 ноември 2017
Категорија: 
Култура
Прочитано:
637 пати