Дино Имери: Не ме интересираат минливи нешта

10 декември 2018

Во големата сала на Македонската филхармонија утре вечер младиот пијанист Дино Имери ќе ја раскаже својата музичка и животна приказна од изминатите 10 години.  Всушност, ќе ја сподели со сите оние што оставиле трага – од една страна соработниците, музичките односно професионалните сопатници, а од друга страна публиката која сите овие години неизмерно ужива во неговите изведби.

Ова беше повеќе од добар повод да се видиме со Дино и да поразговараме, а разговорот со него секогаш е неисцрпен, интересен и пријатен.

И оваа наша средба се одвиваше речиси година дена после нашето прво интервју, така што беше уште поинтересно да се сумираат впечатоците и од оваа година на изминување.

Целиот разговор со Дино Имери во очи на големиот концерт следува во продолжение:

Во тек се последните подготовки за концертот што ќе се одржи во Македонската филхармонија. Што да очекува публиката утре вечер?

-Ќе се случи голем јубилеен концерт, кој што немаше да се случи да не беше инцијативата од мојата сопруга, Дијана Имери Илкоска, која што и морам да ја поздравам во оваа прилика, а која што инаку ќе настапи на концертот како диригент.  Јас некако бев разочаран изминатиов период, од многу работи што во нашиот професионален свет некако ги преживував и гледав, иако е јубилеен, (а јас сум млад човек, па на луѓето им е чудно што правам таков јубилеј), сакав да направам нешто интимно, дури и обично, бидејќи сум и самиот таков. Но, во разговор со неа, на некој начин се вративме низ сите овие 10 години, што сè се случуваше и приватно и професионално и сфативме дека има толку многу луѓе со кои што сум работел, соработувал, учел, дека би било уште подобра идеја, да се собереме со тие драги луѓе, секако не може со сите, но оние најзначајните соработки со наши, домашни артисти, да се собереме и да го одбележиме тој јубилеј. Кога во целата приказна се вклучи и Владимир Мандичевски, односно „Баги комуникации“, таа доби и професионални и поголеми пропорции, на мое големо задоволство. Така, сега ќе имаме голем концерт, но ќе се обидеме да ја задржиме интимноста со нашата взаемна приказна и ќе се обидеме да приредиме една незаборавна вечер на сите што ќе дојдат.

Да се сведе изборот на неколкумина гости, веројатно не беше лесна задача....

- Така е, не беше лесно ниту од практична гледна точка, да се најде период во кој сите овие наши ѕвезди ќе бидат слободни, бидејќи и самите се мошне успешни и ангажирани. Но, уште повеќе од програмска гледна точка, од аспект на тоа што со многу луѓе со соработувал и не би било фер некој да се вклучи, а некој не. Се надевам нема да ми замерат многу од колегите. Но, програмската идеја беше прва, да се опфатат и различните жанрови што сум ги работел. Публиката што ја следи мојата работа знае дека не работам и следам само класична музика, сум работел и други, различни типови музика. Така и програмата ќе започне од коренот, со класичните дела, а ќе прерасне во нешто сосема друго, се надеваме дека таа разноликост ќе им биде интересна на луѓето. Така и го направив изборот. Идејата тргна спонтано и убаво, но кога ќе донесеш такви имиња, не можеш да ги поканиш било каде, па тука концертот доби поголеми рамки од тоа што начелно замислував.

Со Благој Нацевски сум имал прекрасна, долгогодишна соработка. Благој е уште еден од тие фактори, покрај мојата сопруга и Владимир, кој ме мотивираше за поголем концерт. Веднаш се согласи, не само да настапи, туку ми даде идеја да напишам композиција за него. Ме поттикна да создадам нешто баш за овој настан. Така настана композицијата „Сон“ на текст на Блаже Коневски и  ќе биде премиерно изведена утре. Целиот ентузијазам што Благој го донесе во оваа приказна за мене е незаборавен и многу ми значи и приватно и професионално. А кога на тоа ќе се додадат сите перипетии кои тој мора да ги помине за да настапи на концертот, ми прави навистина чест. Тој буквално во неверојатен момент во неговата кариера, кога е зафатен во реномирани светски куќи, најде начин да одвои време и да го збогати мојот концерт. Не можеше ваков концерт да помине без оркестар и логично, изборот беше Камерниот оркестар на Музичка младина, со кои сум соработувал долги години. Инцидентно, шеф диригент е мојата сопруга. И уште еден новитет  е што мојот татко, Дамир Имери, напиша своја преработка, ќе остане изненадување од што, за нашата изведба со оркестарот. Ќе има навистина многу изненадувања, нови нешта. Секако, таа соработка со ММ и со мојата сопруга ќе резултира со нешто посебно и убаво на сцената. На јавноста исто така ѝ е многу добро позната и мојата соработка со Бојан Илкоски, нашето дуо. Тој е еден од најдобрите и наградувани виолинисти кај нас и во странство и ми беше незамисливо него да го нема. Од средношколските денови соработуваме и се дружиме и можам да кажам дека ми е како втор брат и музички и приватно. Со него одбравме нешто што верувам ќе ѝ се допадне на публиката и драго ми е што и тој успеа да се вклопи со својата агенда. Не може да настапи вториот брат, а првиот да не настапи :) Интересна ситуација е тоа што ова ќе биде прв наш заеднички настап со Ади. Иако сме работеле многу години наназад, сепак нашата работа била повеќе студиска, композиторска, оној тип на соработка што се одвива зад затворени врати. Но, не можевме да не го искористиме овој момент и да не направиме нешто заедничко за оваа пригода, што посебно ме радува, бидејќи е нова интересна музичка приказна, тотално различна од остатокот од вечерта. Понатаму, на сцената ќе биде и дуото флејти – Марија Јакимовска и Богдана Бушевска, со кои сум остварил македонска турнеја, млади, прекрасни флејтистки, активни и на камерната, оркестарска и солистичка сцена, кои низ годините ми пружале респект, кој се надевам сум го оправдал. Тука е и Биљана Јосифов, наша пејачка, која редовно настапува на сцената на Македонска филхармонија, со неа исто така влечам долгогодишна соработка и приватно и професионално.

Многу луѓе ме прашуваат за Влатко Стефановски и од каде нашата историја. Првата значајна награда што сум ја добил, „Виртуози“ за Најдобар млад музички уметник, ми ја додели токму тој. Покрај тоа, тој е долгогодишен соработник и пријател на моето семејство и сме работеле многу често во домашна атмосфера, а сега тоа ќе го покажеме и јавно на мое големо задоволство, особено бидејќи знаеме која е неговата музичка приказна.

Како Ви изгледаат изминатите десет години?

-Сега е многу лесно да се зборува за десетте години, но мене почетоците воопшто не ми беа лесни. Многу е тешко кога си на почетокот на кариерата и на музичкиот развој. Тие чувства ми останаа запаметени. Во тој контекст, кога денес гледам на тие десет изминати години, многу малку луѓе во тоа време ми пружиле рака и ми одвоиле простор да го покажам тоа што го знам. Токму затоа, не сакам да сум од тие што не го прават тоа. Се трудам на секој концерт да отстапам простор на младите таленти. Овој пат ќе ни се придружи младата Инес Неделковска, која и тоа како си го заслужува своето место на сцената меѓу сите овие реномирани имиња. Јас ѝ предвидувам убава иднина, иако има и прекрасна сегашност. Голема чест ми е што ќе настапи на сцената и ќе има можност да ја презентира својата работа која до сега резултирала со многу награди и концертни турнеи низ светот, па и нашата публика ќе има можност да ја запознае подобро. Мојата приказна освен што ќе биде музички раскажана, во нарацијата ќе ми помогне и Јана Серафимова, која што исто така со отворено срце се согласи да биде дел од таа приказна. Нашето познанство датира од средношколски денови и е дел од мојата животна приказна и ќе раскаже дел од она што се случува во изминатите десет години.

Какви чувства во Вас буди овој концерт?

-Чувството на одговорност е секогаш присутно, а тоа значи дека тоа што го работите ви значи. Од друга страна, јас многу ја респектирам својата публика и никогаш до сега не сум ја ставил во ситуација да дојде на мој концерт и да си оди незадоволна. Можеби затоа и доаѓа интересот за моите концерти. Но, овој концерт си носи и други одговорности и организациски и самиот факт што јас сум преблагодарен што сите учесници без никаков проблем и материјални надоместоци дојдоа да ми оддадат чест и почит, секако дека сакам да им се заблагодарам, како не ако не со убава свирка, енергија, почитување на нивните потреби и едноставно да се чувствуваат добредојдено не само вечерта туку и во целиот процес. Од друга страна, сум имал многу големи концерти до сега, многу високоризични концерти и надвор од земјата, што поминале во најдобар ред, така што искуството ме има спремено да го изуживам овој момент повеќе отколку да чувствам страв, трема. Првиот концерт на Охридско лето што беше пренесуван директно на Интернет, кој го следеа преку 20.000 луѓе, беше мој рецитал, тоа беше тежок концерт за млад човек, тогаш имав 22 години, отворањето на сезоната на Македонската филхармонија, настап со Стразбуршката филхармонија, изведба на најтешкото дело за пијано и оркестар, третиот концерт на Сергеј Рахмањинов, со Софиската филхармонија што е исто така голем залак за 25-годишен музичар, но сè тоа помина глатко, успешно, убаво. Се трудам секогаш да ги гледам позитивните аспекти, бидејќи се занимаваме со убава работа. И да згрешиме, не е ништо страшно. Што не е исто со хирургот во операциона сала. Ние се занимаваме со убава работа, но многу колеги тука се губат, сфаќајќи ја многу сериозно и премногу тешко. Тука е тој баланс, помеѓу одговорноста пред сè кон себе, кон работата, трудот, публиката, а сепак едно чувство на лежерност, спонтаност, уживање, страст, љубов... Ова не е дисциплина, туку уметност. Уживањето, љубовта и страста се оние што го движат човек напред, ако ги нема, ќе нема ниту успех.

 

Се сметате ли за успешен, што претставува успехот за Вас? 

-Се сметам за успешен од сосема други причини. Тоа што го живеам секој ден како последен го сметам за мој наголем успех. Тоа значи дека не ме интересираат минливи работи што немаат никаква смисла. Од тука, некако и таа потрага по соѕвездија, тоа е само на трошок, потрошено време на еден човек. Се сметам за успешен бидејќи си ги задржав мирот, нормалноста, затоа што сум семеен човек, со луѓе што ги сакам и што ме сакаат. Ако има поголем успех од тоа, понатаму не знам што би можело да се очекува. Мојот успех се базира на тоа, бидејќи животот е секојдневна борба. Ние се лажеме дека со некои големи одлуки ќе станеме подобри луѓе, но има милијарди одлуки што во текот на денот ги носиме и што влијаат на тоа какви луѓе сме и ќе бидеме. Во денешно време да бидеш смирен, насмеан е веќе успех сам по себе. Да бидеш здрав во денешно време, на сето ова што го дишеме, на сè тоа што го гледаме и сме изложени и преку медиуми и социјални медиуми, е исто така успех. Луѓето се некако презаинтересирани за негативни приказни, за лажги, за злоба... Секогаш тоа добива повеќе внимание, дури иако подеднакво се случуваат и добри. Но, позитивните не ни се толку интересни, бидејќи живееме и во едно сензионалистичко општество, сакаме драма, скандали во кои се крадат нашите пари. И иако остануваме без тие пари, повеќе нè интересира како се украдени тие пари, кој, како ќе му се суди, повеќе тоа нè интересира, отколку нашата реална загуба, дека тука нешто не е во ред.

А во контекст на ова, може ли музичарите во оваа фела да имаат статус на ѕвезди, популарни личности?

-Не сум тип на човек што се занимава со сензационализам. А за да бидеш ѕвезда, неминовно мора да бидеш таков. За да го привлечеш тоа внимание на луѓето. Честопати слушаме од најголемите светски ѕвезди, колку се тие нормални личности, а ако судите по медиумите, ние дознаваме многу нешта, што на крајот и не мора да се точни, но на луѓето не им е важно дали се точни или не. Ако се занимавате со бизнис, тоа е многу потребно. Ако се занимавате со уметност не е важно. И она што многу ми пречи, посебно во нашата фела, е неприфаќањето дека ние се занимаваме со уметност и треба да бидеме не толку познати и треба да бидеме изолирани од некои нешта и тоа треба да се сфати повеќе како комплимент. Нашата фела не може да се помири со тоа и упорно бара начин на комерцијализација на она што го правиме. Она што го правиме не е за секој и тоа е во ред. Не ми се допаѓа тоа што во оваа професија, мерило земаат работи како „Концертот беше распродаден“ и тоа некаков критериум дека концертот бил добар – за жал не можете да бидете подаелку од вистината, кога ќе видите какви сè нешта распродаваат или нераспродаваат, а се поважни за нашето општество. Кога ќе видам распродаден детски концерт на Македонска филхармонија, не може да биде поголем подарок, бидејќи презентирате нешто вредно на публика која е уште во фаза да не знае точно што сака, оснознава, учи, размислува. Има голема разлика помеѓу тоа што распродавате и дали е успешно или не. Мерилата се измешани кај нас. Погрешно е да се оди во насока на комерцијализација на содржината на она што го работиме. Начинот на презентирање е нешто друго.

Што би му кажале на почетникот Дино?

-Човек за да преживее во оваа средина, не смее да си дозволи да оди многу назад, а ни многу напред, со умот. Мора да си тука. Ако одиме напред стануваме песимисти, бидејќи ова што го гледаме не ни ветува некоја сјајна иднина. Ако гледаме назад, ги гледаме само убавите нешта, ни изгледа како во минатото да било многу подобро, а имало секакви моменти. Искрено, не би му кажал ништо, би го оставил да продолжи, бидејќи си го најде некако својот пат. За да растете потребен е шок кој ќе ве кутне од нозе и нема да знаете каде сте за да го најдете својот пат. Секое лошо за добро е. Сум имал многу такви искушенија во животот и можеби во овој јубилеј, најсреќен сум бидејќи сум останал верен на своите идеали, без притоа да се пуштам да лебдам, сум ја задржал дисциплината, моралната етика, етиката на работење, естетиката на моето живеење и работа, сум го задржал и сум го развивал понатаму. Така што, би го оставил да седи и да работи во таа соба, како и до сега и да го живее животот.

На секој музичар му е потребно да го најде својот звук... Се согласувате ли со тоа, успеавте ли да го пронајдете?

-Тоа е секојдневна потрага. Секојдневно се менуваат и нашите вкусови како уметници. Да го пронајдеш својот звук, значи да се пронајдеш себеси вистински. Не кој мислиш дека си. Ние работиме гледајќи ги другите. Таква е нашата работа. Занаетот го учиме со тоа што ги слушаме другите и сме доста добри во тоа, дури на еден начин доведува до имитација на она што другите го прават. Проблемот е човек да се исчисти од сите тие работи, а сепак да ги осознае. Така се расте како музичар. Не е едноставно и бара искреност сам со себе и реалност. Не што ти мислиш дека си или другите што мислат за тоа што си. Тоа мене ми се случува често со другите, бидејќи не знаат што сè работам. И се изненадуваат - ти не знаеш ова, не треба вака да правиш, не знаеш како да правиш, а мене ми е тоа секојдневие. И тоа е најважното нешто при пронаоѓањето на звукот. Секој од гостите утре има свој звук и кога нашите звуци ќе се спојат, ќе настане магија.

Но, не е доволно ниту само да си пијанист, музиката мора да се разбира...

-Така е, апсолутно не е доволно да си само пијанист. Од интуицијата почнува сè. Од идејата, желбата... Кога знаеш дека си заљубен во некој, тогаш знаеш и дека си ја разбрал музиката. Претходно може само да ти зборуваат како е, но кога ќе се заљубиш - знаеш. Така и ова. Кога ќе го разбереш го разбираш на сите нивоа – интелектуално, емотивно, духовно, физички, психолошки. Го разбираш тоа што го работиш. Исто како и љубовта кон друга личност, што подразбира нејзино прифаќање, така и музиката, мора да ја прифатиш со сè она што го носи... и со тежината. Бидејќи тој дел на разбирање и чувствување на музиката доаѓа на крајот од еден долг и макотрпен процес на истражување, работа, експериментирање, за едно парче да можете да го разберете. Секое дело кое ќе почнете да го работите, ве чека истиот пат.

Знае ли тоа да биде и фрустрирачки?

-Апослутно! И пак, таа опсесија или фрустрација, тоа значи дека ви значи тоа што го работите. Законитостите што важат за љубовта, важат и во уметноста. Бидејќи тоа е едно исто. Сите сакаме да се изразиме на некаков начин, иако никој не знае зошто сме тука, но сакаме да го изразиме тоа што го чувствуваме во нас. Така што, за да дојде до тој момент на разбирање и вистина потребни се природните способности, интуиција, но и желбата да ја слушнеш интуицијата. Најчесто мора да се слушаш себеси, иако тоа некогаш ќе биде спротивно на општеството, пријателите, но мора да го изодите тој пат сами. И тука не може никој да ви подаде рака. Тешко е многу, но чисто и искрено, па по тоа претставува и вистинска вредност, наспроти сè друго што се чувствува. Бидејќи луѓето се сè само не чисти и искрени, вистинити. Тоа го гледам и како родител кога ќерка ми ќе седне да свири на клавир иако има две и пол години – го гледам токму тоа – таа ја разбира музиката, свири и убаво ѝ е, или не ѝ е убаво, ја возбудува или не и го прави тоа додека ѝ е интересно. Се обидувам тоа што и јас сум го правел како дете, да го правам и сега. Денес е тешко да си професионалец, а да го задржиш тоа, бидејќи од нас се бараат тешки и чудни, да не речам перверзни работи – од вас се бара агенда две години однапред, што ќе свирите, како, кога, по пат се бараат и други работи на кои се троши многу енергија, патувањата се исто тука голем фактор, животот тече. А вие треба да правите нешто што треба да има. детски пристап дури би рекол, а истовремено да сте професионалци. Комплексна тема е и ретко кој му успева да ги спојува тие две работи.

Ја споменавме ќеркичката, Ви поставува ли прашања за музиката, прашања што можеби Ве изненадуваат?

-Најсмешно ми е што има веќе нарачки кога ќе ме види на клавир. Ја сака „Џингл Белс“, ама не ја сака со клавир туку со ѕвончиња, но не со тие ѕвончиња што јас ќе ѝ ги пуштам, туку со потемните. Две и пол годишно дете веќе има свој вкус, не само за избор на мелодија, туку како ќе биде изведена „офарбана“, што е неверојатно. Не само за неа, туку кон децата воопшто. По патот се губат тие работи за жал. Ако ја сака со ѕвончиња, а на школо им кажуваат „Треба да биде со клавир, треба да биде со клавир, треба да биде со клавир“ се повторува сè додека не се заборави воопшто која била првобитната желба. Тое е тоа низ што децата поминуваат, но наша задача, на уметниците, е да се вратиме во првобитна форма.

„Има луѓе што се борат со секакви работи. Професионално, за 2018 имам многу планови. Се надевам ќе биде година во која луѓето ќе се ослободат од многу работи, ќе го отворат срцето кон убавината и вистината. Во што и да работиме можеме да најдеме уметност, така што во 2018 година посакувам многу уметност и здравје“. Вака гласеше крајот на нашиот разговор минатата година. Сега на крајот на 2018, беше ли таква каква што очекувате?

-За мене таква беше. Уметноста може навистина секаде да ја најдеме. Во еден момент наш голем уметник, кој за жал во 2017 година почина, Владимир Георгиевски, во една наша дискусија ми го кажа токму тоа, „Знаеш Дино, уметноста и убавината можат да го спасат светот“. Исто така ми кажа: „Кога политиката и бизнисот ќе влезат во четките и платното на уметникот, рацете на уметникот, не можат да се измијат со ниту една вода“. И апсолутно се согласувам со тоа. Тој до крајот остана верен на тоа, како што се надевам ќе останам и јас. Тука многу луѓе се губат, влегле во тие води со обид да направат нешто добро, но љубовта е доволна да бидете добар, позитивен, со почит кон сите луѓе, и оние што и вас ве почитуваат и оние што не ве почитуваат. Бидејќи почитта кажува за вас, не за нив. И да се сака е да се прифати и тогаш неизвесноста станува авантура, наместо страв, и она што најмалку очекувате, станува приказна на вашиот живот. Така и сум се запознал со луѓето што ми се најважни во животот. И за 2019 ќе посакам истото. Искрено се надевам дека луѓето ќе сфатат кои се минливи, а кои вистински вредни работи. Не би рекол дека би можело генерално да се зборува за тоа, но во 2018 сретнав многу луѓе што се на тој пат, што растат и што одлучиле да останат во државата што е голем поттик и што и јас сум го направил. Сега во овој момент е потребно највеќе љубов и најмногу уметност, тука, на ова парче земја, кај што е тешко тоа да се прави. Многу попотребно, отколку во светските центри на уметност. Ние тука создаваме традиција, негување на вистински уметнички вредности и естетики. На еден начин ја создаваме таа култура и поминуваме неприметно, но тоа да не ги обесхрабри генерациите што доаѓаат. Иако е така, тоа е многу храбро, единствено и се остава свој личен печат, што е награда за секој уметник, што и кога ќе го нема, ќе остане зад него.

Објавено:
10 декември 2018
Категорија: 
Култура
Прочитано:
762 пати