Донирајте книга во „Децата од нашата улица“ за затворските библиотеки

28 јануари 2016

Откако пред еден месец во скопското кафуле „Децата од нашата улица" беше организирана хуманитарна акција за донација на книги за библиотека за пациентите на болничкиот оддел на УКРО – Универзитетската клиника за радио – терапија и онкологија, сега оваа хуманитарна акција продолжува со нова цел: обновување на затворските библиотеки.

На 30 јануари од 11 до 15 часот во „Децата од нашата улица" ќе имате можност да подарите книги со кои ќе се обнови фондот на литература низ затворите ширум Македонија.

Како што посочуваат Тихомир Јанчовски и Саша Шотаровски, организатори на настанот, библиотеките низ затворите во Македонија располагаат со книги од постар датум, а недостасуваат изданија од 90-тите па наваму.

„Не подарувајте се' и сешто, само нешто соодветно. И ве молиме, на книгите што сте одбрале да ги подарите напишете сопствена посвета до непознатиот затвореник. Разбравме и друго, некои затвореници изјавиле дека единственото нешто што ги одржува во живот и им дава утеха и надеж е токму читањето. Подарете книга на 30 јануари, од 11 до 15 часот, и останете со нас на греано вино", ве канат организаторите на настанот.

Бидете луѓе, подарете книга. И затворениците се луѓе. И Скопје е град, и има луѓе со добра волја и граѓанска свест.

 

Објавено:
28 јануари 2016
Категорија: 
Култура
Прочитано:
267 пати