Ѕвездата на југословенскиот филм, Аница Добра специјална гостинка на „Киненова“

5 октомври 2018

Познатата српска актерка и ѕвезда на југословенскиот филм, Аница Добра е специјална гостинка на 3. издание на Меѓународниот фестивал на дебитантски филм „Киненова" што под мотото „Првиот никогаш не се заборава" ќе се одржува од денеска до 10 октомври во кино „Милениум“ во Скопје.

На Аница Добра ќе и биде врачена наградата за особен придонес во филмската уметност. Во нејзина чест утре од 18 часот во кино „Милениум" ќе биде прикажан филмот „Жената со скршен нос" на Срѓан Кољевиќ од 2010 година.

Фестивалот беше отворен вечерва со македонската премиера на дебитантскиот игран филм на режисерот Јани Бојаџи „Ругање на Христос" што е меѓу осумте филмови во трка за наградите за најдобар дебитантски филм, најдобар режисер, најдобро сценарио и за специјална награда од меѓународното жири, а покрај него во официјалната селекција се уште пет филма од Европа, еден од Иран и еден од Перу.

Според селекторот Игор Анѓелков, било возбудливо да се погледне во најновата светска кинематографија, но и тешко да се направи избор поради плодната продукција и затоа што има многу дебитанти кои, како што рече, храбро влегуваат во своите први или втори остварувања и обработуваат теми на свој начин.

Концептот на фестивалот, според неговиот директор Небојша Јовановиќ, е да им се даде простор на храбри автори-дебитанти кои се зафатиле со теми кои во некои земји се игнорирани и ставени на страна, а нивните автори третирани како неподобни.

Во рамки на фестивалот првпат во Македонија ќе биде претставена норвешката кинематографија со проекција на пет филма, од кои два од најпознатиот режисер на таа земја – Ерик Попе.
Ќе има и „Балканска филмска програма", проекции на двата први филма на Ингмар Бергман од 1946 година („Криза" и „Кризата во нашата љубов") по повод 100 години од неговото раѓање, детска филмска програма, како и две работилници – за филмска анимација наменета за деца со посебни потреби и работилница во соработка со УНИЦЕФ за зголемување на свесноста за ненасилство врз деца.

Фото извор: IMDB

 

Објавено:
5 октомври 2018
Категорија: 
Култура
Прочитано:
397 пати