Јубилејното издание на Канскиот филмски фестивал официјално започнува денеска, а ќе трае сѐ до 28 – ми мај.

Бројните холивудски ѕвезди веќе почнаа да пристигнуваат во прекрасниот Кан, а голем дел од нив го искористија слободното време да уживаат во сонцето и неодоливите плажи.

Сосема нормално, прва пристигна годинешната домаќинка, секогаш прекрасната Моника Белучи која блесна во црн стилски комбинезон со ремен на половината и високи црни потпетици.

Заедно со неа, меѓу првите гости можевме да ја видиме и шармантната Французинка Марион Котилард која за првото појавување се одлучи за фармерки со интересен крој и долга бела кошула, комбинирани со високи нежно жолти потпетици.

Нивните помлади колешки како Емили Ратајковски и Ел Фенинг одлучија денот да го поминат на сонце уживајќи во убавините на Кан, во лежерни колоритни фустанчиња кои се само почеток на она што вечерва ќе можеме да го видиме на црвениот килим.

Како и секогаш, ниту оваа церемонија не може да помине без присуството на една од најпопуларните манекенки во моментов, Бела Хадид која за првиот ден во Кан одбра дводелна комбинација составена од кусо здолниште и свилен топ во кремаста нијанса.

Нејзината пријателка Хејли Болдвин за прошетката низ Кан одбра бело ретро фустанче и високи бели потпетици, а комбинациите им прилегаа навистина одлично.

Фестивалот ќе го отвори новиот филм на режисерот Арно Деплешен, „Les Fantômes d'Ismaël“, а за престижната „Златна палма“ ќе се натпреваруваат 19 филмови – по четири од Франција и САД, два од Јужна Кореја и по еден од Унгарија, Австрија, Русија, Украина, Грција, Британија, Германија и Јапонија.

Објавено:
17 мај 2017
Категорија: 
Култура
Прочитано:
1.255 пати