Ехото на слободата одекна низ страниците на новата книга на Ана Јовковска

13 април 2018

„Ехото доаѓа длабоко однатре и како ефектот на пеперутката стигнува до другиот крај на светот, каде некој непознат човек, читајќи ги твоите зборови, ќе се препознае во нив", вели во своето обраќање авторката Ана Јовковска која вчеравечер, во емотивна средба со својата публика, читатели, пријатели, соработници, колеги, ја промовираше својата нова, втора по ред книга „Ехо на слободата".

Книгата е плод на нејзиниот долгогодишен, безрезеревно посветен, авторски ангажман, преточен во збирка на културолошки дијалози со 30 еминентни личности од различни општествени сфери.

„Деценискиот извонреден телевизиски проект Пулс на Ана Јовковска, кој постави хималајски стандарди во македонското телевизиско интервју, пред неколку години, на општо задоволство, почна да се преточува и во книжевен облик, со првата книга Пулсот и времето (2015). Сосема оправдано, книгата на Ана Јовковска доживеа еруптивен успех: беше промовирана во речиси сите македонски градови и стигна до огромен број читатели, кои добија можност да се соочат со прекрасните дијалози во една кондензирана, прегледна и длабоко осмислена форма. Најновата книга на Ана Јовковска, соодветно именувана Ехо на слободата, е природно надоврзување. Таа е уште еден плод на нејзините безрезервни заложби, ретка посветеност, беспрекорен професионализам и драгоцена дарба за суштински дијалог, кој секогаш, без исклучок, води кон наслушнување не само на емотивниот, мисловниот и духовниот „пулс" на соговорникот, туку и на невралгичните премрежја на нашево време", напиша во својот осврт за делото, професорот Владимир Мартиновски кој заедно со професорката Ана Мартиноска го имаа воведниот говор на промоцијата.

По три години од промоцијата на нејзината прва книга, Ана Јовковска повторно застана на истата сцена, со искрен и сентиментален говор обраќајќи им се на присутните.

„На пеперутката ѝ требаат крилјата за да го постигне eфектот на преносливост, но зар човекот ги нема? Крилјата на човекот се неговите мисли и зборови. Можеш да ги рашириш до каде што сака твоето срце и до каде што ти дозволува твојата храброст. На крајот сè се сведува на тоа: Умееш ли да сонуваш за подобар свет? Умееш ли да леташ високо над произаичното и медиокритетско секојдневје? Умееш ли да веруваш во луѓето? Умееш ли да го отвориш умот за да ги видиш нивните добри страни? Умееш ли да бидеш активен слушател за да го чуеш ехото на слободата? Гласовите на моите соговорници, во оваа книга сите заедно потпишани под зборот ЧОВЕК, се ехо на слободата на едно време. Во обидот да ги спојам рационалното и емотивното, научното и интуитивното, актуелното и безвременското, ја создадов оваа збирка на културолошки дијалози кои танцуваат на тенкото јаже на слободата", вели авторката.

Книгата е издание на Издавачки центар „ТРИ", а илустрацијата на корицата ја направи уметникот Ване Костуранов.

Објавено:
13 април 2018
Категорија: 
Култура
Прочитано:
253 пати