Во Младинскиот културен центар вчеравечер и официјално беше означен стартот на фестивалскиот форум за развојот на креативните индустрии Скопје Креатива 2018.

Целта на овој фестивалски форум за развој на креативните индустрии е поврзување на сите сектори и професии кои тематски влегуваат во фокусот на креативните индустрии.

Фестивалскиот форум поврзува, квалитетно и наменски, ја збогатува својата дата-база и овозможува професионалците да се сретнат, настапат и претстават, да се запознаат меѓусебе преку сопствената работата и креативност; притоа да ги почувствуваат, опипаат и препознаат сите можности за нови содржински спојки и меѓусебни колаборативни интерсекции.

Така беше и годинава кога на едно место можевме да видиме навистина интересни и креативни проекти и изложби.

Веднаш на влезот ќе ве дочекаат фантастичните и ултра креативни лампи на Елена Диновска Зарапчиев која твори под името „Светлосна врска“.

Чекор до неа, ќе можете да го погледнете мултимедијалниот проект на Александра Јовановска (моден дизајн) и Екатерина Намичева (индустриски дизајн-постамент) кои презентираа модна колекција од 4 машки и 3 женски парчиња облека, или вкупно 17 дизајнирани парчиња и нивна презентација на дизајнирани закачалки.

Дел од годинешното издание на Скопје Креатива е и изложбата на талентираниот Андреј Миневски кој создаде неверојатно дело поставено во самиот центар на холот.

Подеднакво интересни се и сите други презентации кои ги гледате погоре во галеријата, а доколку сè уште немавте можност да ја посетите Скопје Креатива, имате време до утре.

Објавено:
12 мај 2018
Категорија: 
Култура
Прочитано:
512 пати