Фасцинантен концерт на Јан Гилан со Македонска филхармонија во Скопје

7 ноември 2016

За концертот на Јан Гилан со Македонска филхармонија што се одржа во саботата вечер, можам да зборувам од аспект на фан, генерално на музиката од 70-те и 80-те, а вклучително и на Deep Purple.

Јан Гилан кој важи за еден од најфасцинантните вокали во историјата на рок музиката, имав привилегија да го слушам во живо втор пат, но прв пат во изведба со симфониски оркестар. Звучеше посебно, моќно, магично!

Неверојатна синергија и на сцена помеѓу самите музичари и помеѓу самата публика и помеѓу музичарите и публиката – имав чувство како во тој момент сите таму присутни, да сме во некоја посебна, вонземска димензија, а музиката е универзалната мисла што не поврзува.

Гилан на сцена го придружуваше бендот на Дон Ајри и се разбира Македонска филхармонија под диригентство на Стивен Бентли – Клејн, кои ми се чини уживаа на сцена исто колку и публиката во сала. Звучеа толку синхронизирано, како да се состав кој зад себе има долгогодишна заедничка турнеја, а не само неколку проби пред концерт.

А публика од сите генерации – искрени фанови на музика која во себе има суштина, порака, ументост. Мислам дека беа ретки, а можеби и немаше такви кои отишле на концертот колку само да објават фотографија на фејсбук. Токму затоа атмосферата беше искрена, топла, неверојатно позитивна, таква што се памети... И уште еден битен факт е дека и без гратис карти, салата беше полна.

Се разбира кулминацијата беше на најголемите хитови на Deep Purple: When a blind man cries, Black night, Perfect stranger, Smoke on the water... Но, не помала беше еуфоријата и на песните од соло кариерата на Гилан.

По завршувањето на концертот, како во толпа излегувавме од сала, ги слушав сите околу мене како ја потпевнуваат Black night... Добро е, не сум сама...

Со овој концерт Авалон продукција ја заокружува оваа успешна концертна година. Резимиравме дека публика која знае да препознае квалитетна музика има, затоа очекуваме уште побогата концертна 2017 година.

Фото: Ѕвонко Плавевски (фотографиите се превземени од фан страната на Авалон продукција)

Објавено:
7 ноември 2016
Категорија: 
Култура
Прочитано:
870 пати