„Фенер“ - исчекор напред во културната понуда за детската публика

7 јуни 2017

Меѓународниот фестивал за детски театар „Фенер", под мотото „Децата се важни" годинава ќе се одржи по четврти пат, од 16-18 јуни во Скопје, со примарна цел да се креираат вистински културни вредности кај публиката од најмала возраст.

Се работи за меѓународен фестивал за детски театар, кој во продукција на Буден Театар досега реализираше три успешни изданија.

На светско ниво, театарот за детска публика е во постојан подем што резултира со иновации, кои ја рашируваат перцепцијата за она кое денес спаѓа под оваа уметност.

„Водени од идејата дека протокот на информации е клучен за Македонија да биде во тек со новите светски тенденции во детскиот театар, го создадовме фестивалот „Фенер", како прозорец кон најдоброто од оваа уметност и постојана база на инспирација за идните македонски творци на детски театарски претстави", велат организаторите.

„Фенер" e пред се фестивал кој во центарот на вниманието ги поставува децата, но е насочен и кон театарските професионалци кои создаваат за детска публика.

„Не сакаме да се криеме зад девизата „децата се најдобра публика", туку сакаме да ги развиваме своите капацитети за на децата да им го понудиме најдобриот театар. „Фенер" претставува исчекор напред во културната понуда наменета за детската публика, нудејќи иновативна и внимателно селектирана програма која ги таргетира различните возрастови категории, како и активности кои ја развиваат детската креативност, го провоцираат детското љубопитство и стимулираат кон нови откритија" додаваат од Буден театар.

Програмата на „Фенер" е конципирана во три сегменти:

- ревијален дел, кој вклучува презентација на селектираните претстави

- креативни работилници, наменети
за развивање на имагинативноста и стекнување на нови вештини кај децата

- едукациски дел, наменет за театарски професионалци

Во рамките на четвртото издание на фестивалот, во главната програма ќе бидат прикажани следниве претстави:

-Првата прикажана претстава за бебешка публика во
Македонија - "Топче" со Унгарскиот Гриф куклен театар.

-Премиера на Буден Театар, инспирирана од делата на Ване Костуранов и наменета за тинејџери и чиј текст е создаван преку директна работа со деца во тинејџерска возраст.

-Работилница за дизајн во куклениот театар наменета за театарски професоналци со Исландската уметница Грета Клоуг.

Буден Театар е независен театарски колектив, активен од 2009 година. Главниот фокус на Буден Театар е работа во насока на развој и раст независната театарска сцена во Македонија, како и нејзина меѓународна промоција. Дел од програмата на Буден Театар е насочена кон возрасната публика, а дел кон детската.

Креирајќи за возрасна публика, Буден Театар работи иновативни дела преку кои се стреми кон поместување на социјалните табуа, проток на автентичната мисла и истражување на нови современи изразни средства во театарот.

Иновативноста, игривоста и интерактивноста се наши основни принципи кога создаваме театар за детска публика. За основа на нашите претстави одбираме значајни литературни автори за деца, признаени на меѓународната книжевна сцена, со визија дека ќе придонесеме и за нивно промовирање во Македонија. Буден Театар досега има продуцирано повеќе детски куклени претстави во Македонија, Унгарија и Чешка, спрoведува креативни курсеви за деца, и е иницијатор на Meѓународниот фестивал за детски театар „Фенер".

Од создавањето до денес Буден Театар беше подржан од Министерство за култура на Р.М., Град Скопје, Шведската Културна Програма за Западен Балкан, Цивика Мобилитас, Фондацијата Отворено општество - Македонија, Амбасадата на Австрија, Фондацијата Елена Лука, а соработува и се јавува како ко-продуцент со институциите од културата во Македонија како Македонски Народен Театар, Драмски Театар, Детскиот Театарски Центар, Македонска Опера и Балет, Кино Култура, ГЕМ, театарскиот фестивал МОТ и Струшки Вечери на Поезијата.

 

Објавено:
7 јуни 2017
Категорија: 
Култура
Прочитано:
148 пати