Фестивал за детски театар „Фенер“ под мотото “Децата се важни“

15 јуни 2017

Буден Театар го најавува четвртото издание на меѓународниот фестивал за детски театар Фенер, кој ќе се одржи од 16 – 18 јуни во просториите на Македонската Опера и Балет и Детскиот Театарски Центар. Со мотото „Децата се важни", Фенер го повикува Македонското општество да го насочи фокусот кон децата и нивните потреби, без да ја запоставува важноста на културата во нивниот развој.

Фестивалот ќе биде отворен во петок од 18.30 во Детскиот Театарски Центар, со претставата „Црвенкапа" од Бугарија која нуди нов наратив на познатата приказна акцентирајќи врз односот помеѓу децата и возрасните. Претставата „Топче", на Театарот Гриф од Унгарија, која ќе биде прикажана во сабота и недела од 11.00 во МОБ е првата претстава наменета за бебешка публика изведена во Македонија. „Пипи долгиот чорап" со која ќе се затвори фестивалот во 18.30 во МОБ на Градскиот куклен театар од Ријека, Хрватска, ќе не потсети дека е важно да се биде свој и да се живее според сопствените критериуми. Буден Театар, во сабота, од 18.30 на малaта сцена на МОБ премиерно ќе ја изведе „Меѓу нас" авторската претстава на Милиана Ленак инспирирана од делата на Ване Костуранов, а наменета за тинејџери и возрасни. Претставата жонглира со концептот за сега и некогаш, преку односот на двајца луѓе кои некогаш биле блиски, и преку паралелата помеѓу некогашното и денешното Скопје.

Дискусијата „Големи, мали, помали, најмили" на која ќе зборуваат гостите поканети на фестивалот, се однесува на темата за диференцирање на детската публика според возраста.

Во соработка со УНХЦР ќе биде одбележан и светскиот ден на бегалците, со претставата „Писмо некому". Насочен и кон поттикнување на професионална надоградба за возрасните, Фенер, ја најавува работилницата за дизајн во куклениот театар со Грета Клоу од Исланд. Куклите создадени од учесниците во работилницата ќе бидат изложени во фоајето на МОБ во текот на последниот фестивалски ден. Дизајнерското дуо АЛМА (Маја Ѓуреска и Александра Јовановска), во вид на изложба ќе ја претстави најновата колекција за деца инспирирана од природата, која во рамките на фестивалот ќе биде подарена на децата од домот за деца без родители.

Овогодинешното издание на фестивалот се реализира во склоп на проектот „Децата во Центар (на вниманието)", преку кој Буден Театар во изминатите 5 месеци реализираше серија културни активности за деца на територијата на Општина Центар, и кој е поддржан од ЕУ во склоп на проектот „Граѓанско учество за локална демократија" на ФОСМ. Претставата „Писмо Некому", креативната работилница „ИнспириГра" и читачкото катче „Итам да читам", се дел од активностите кои беа реализирани во рамките на овој проект, и кои ќе бидат прикажани и на Фенер.

За претставите закажани во МОБ билетите во можат да купат во нивната билетара или на веб страната. За претстава Црвенкапа, билети во предпродажба на kupikartizase.com или пред самата претставата. Цената за претстставите од главната програма изнесува 200 ден., освен за преставата „Топче", која чини 100 ден. Сите останати активности од програмата на фестивалот се бесплатни.

Повеќе на www.budenteatar.org

Објавено:
15 јуни 2017
Категорија: 
Култура
Прочитано:
58 пати