Летен лексикон

Филмовите под ведро небо имаат посебна магија

14 јули 2017
фото: Приватна архива

Сигурни сме дека повеќето од вас се сеќаваат и пополнувале лексикони во детството.

Ние одлучивме да се потсетиме на убавите години, а воедно да ги потсетиме и нашите соговорници, па во летниов период низ содржините на Fashionel.mk ќе читате летни лексикони.

Следната „страница“ ја пополнува  Марија Илиќ, ПР менаџер, која ни ги открива нејзините спомени од детството, омилени активности во лето, првиот одмор без родители....

Уживајте:

Сте пополнувале ли некогаш лексикон?

-Секако :) Мојата генерација немаше таблети и смарт телефони, имаше лексикони. Првите „пеперутки“ се бунтуваа токму кога симпатијата ќе ти понудеше да пишеш во неговиот лексикон.

Прва асоцијација за лето...

-Мирисот на море, слобода на умот и убаво бело вино.

Прв летен одмор без родители...

-Бевме голема тајфа петнаесет годишници и бевме возбудени со недели пред да тргнеме во Охрид. Се чувствуваме големи и важни. Полни со планови и очекувања.

Кои Ви беа омилени активности како дете за време на летниот распуст...

-Барбики, ластик, собирање миризливи ливчиња, правење цело домаќинство од ќебиња, картони, тенџериња од дома...пред влезот на зградата. Па со „домаќинките од карши“ си одевме на гости :))

фото: Приватна архива

Фотографиите од детството се кај моите родители, сепак успеав да најдам една, иако не летна, каде сум со мојот брат близнак, вели Марија

Предлог книга за на плажа...

-Неодамна токму на плажа ја прочитав најновата книга на Весна Дедиќ „Ничија“. Инаку Дедиќ со години наназад ми е една од омилените српски новинарки а подоцна и писателки. Ги имам сите до една нејзни книги.

Ова лето слушам...

-Сите оние хитови кои до бесвест ги вртат нашите познати радио станици.

Ова лето гледам...

-Секоја среда европски филмови и секоја сабота „Балканско кино“ на Тв Телма.

Омилен летен настан, фестивал, културно случување...

-На „Македокс“ посебно му се радувам. Филмовите под ведро небо во Куршумли ан имаат посебна магија. Дружбите „под смоквата“ се задолжителен ритуал после секоја филмска вечер.

Што е за Вас знак дека стасало летото?

-Ослободувањето од тешката зимска гардероба, светли бои и сандали на високи потпетици.

фото: Приватна архива

Што ако се расипе клима на +40?

-И вентилатор врши работа.

Во кои ситуации се зацрвенувате?

-Оние кои ме познаваат, знаат дека поради природата на мојот карактер да ме зацрвенее некој не е баш лесно. Но непријатно ми е кога сум во друштво на луѓе без мерка и со примитивно однесување.

Што најмногу Ве иритира на плажа?

-Ние Балканците најмногу се обидуваме (посакуваме) да не летуваме и најмногу летуваме на места каде што се нашите сонародници. Мислам дека претеруваме со критикувањето на „нашите“. Против сум простотилакот и невоспитаноста да се генерализираат. Ете, едно лето бев на Палма де Мајорка и однесувањето на Германците и Британците на плажа беше благо кажано дегутантно.

На/За што размислувате додека лежите на плажа?

-Што не потраат деновите подолго и секое лето си ветувам дека ќе најдам време и начин подолго или почесто да бидам на море.

Се сеќавате ли на првата летна љубов?

-Мене таква љубов ми се случи прилично доцна, пред неколку години, и од летна авантура прерасна во неколку годишна врска.

Без што не заминувате на летен одмор?

-Фустанчиња и парчиња гардероба кои немам можност многу често да ги носам на улиците низ Скопје бидејќи претежно сум облечена по формално. 

Објавено:
14 јули 2017
Категорија: 
Култура
Прочитано:
177 пати