Финале на „Букстар“ 2016 – Женска поезија и концерт на „Летечки пекинезери“

11 ноември 2016

Со добра, женска поезија и звуците на „Летечки пекинезери“, вечерва ќе заврши фестивалот „BookStar“.

Промоцијата на книгата „Што си ти“, антологија на европската женска поезија е закажана за 20 часот во „Јавна соба“, со што официјално ќе биде означен и крајот на годинашното издание. 

Книгата ќе ја промовира книжевната проследувачка и писателка Оливера Ќорвезироска, а модератор на целиот настан ќе биде водителката Елена Стојановска. Со поетско читање ќе настапат и петнаесетина македонски поети, писатели и преведувачи, кои ќе читаат стихови од песните поместени во антологијата и од своето творештво, меѓу кои и: Тихомир Јанчовски, Катица Ќулавкова, Лидија Капушевска-Дракулевска, Иван Џепароски, Александар Прокопиев, Анастасија Ѓурчинова, Снежана Стојчевска, Долорес Атанасова-Лори, Мерсиха Исмајлоска, Ѓоко Здравески, Дарко Ангеловски, Маријана Јанческа, Моника Трајковска и други.

„Што си ти?“ е избор од најубавата поезија од европски авторки, направен од страна на соработниците и пријателите на издавачката куќа „Антолог“ по повод второто издание на фестивалот „BookStar“. Триесетина македонски и странски поети, раскажувачи, есеисти, романсиери, преведувачи одбраа по две песни од своите омилени поетеси од Европа, а дел од нив ќе настапат и на промоцијата. Оваа несекојдневна збирка на едно место ги вклучува Вислава Шимборска, Марина Цветаева, Кристина Росети, Ѓултен Акан, но и Катица Ќулавкова, Лилјана Дирјан, Николина Андова-Шопова...

За крај на промоцијата, но и на целиот фестивал, е предвиден концерт на групата „Летечки пекинезери", свинг-џез состав со најнеобичното име и со огромен репертоар на оригинални композиции.

Ако досега не сте симнале некому ѕвезда, вечерва имате уште една шанса да го сторите тоа и да уживате во сето она што го подготви организацискиот тим на фестивалот и издавачката куќа „Антолог“.

За потсетување, фестивалот „BookStar“ е поддржан од Европската Унија, Министерството за култура на Република Македонија, Амбасадите на Кралството Холандија и на Република Полска. Логистичката поддршка е на Јавна соба. 

Објавено:
11 ноември 2016
Категорија: 
Култура
Прочитано:
103 пати