Форбс: Најбогатите жени во 2017

21 март 2017

Магазинот „Форбс“ неодамна ја објави листата на најбогати личности за актуелната година.

Комплетната листа можете да ја погледнете на линкот ТУКА, а ние пак во продолжение ќе ви ги презентираме 10-те најбогати жени.

Инаку, кога се мажите во прашање, првото место, без конкуренција, му припаѓа на Бил Гејтс, чие богатство се проценува на 86 милијарди долари.

Лилиан Бетанкор

Како и претходните години, на врвот останува Французинката Лилиан Бетанкор, сопственичка на козметичката компанија „Лореал“. Нејзиното богатство изнесува 36.1 милијарда долари, а на комплетната листа, се наоѓа на 11-тото место. И покрај тоа што нејзиното богатство се намали за околу четири милијарди долари во измиативе неколку години, и тоа како последица на падот на акциите на „Лореал“, таа сепак меѓу жените сè уште е лидер.

 

Алис Волтон

Алис Волтон е на втората позиција, со богатство вредно 32.2 милијарди долари. Имено, оваа дама го забележа и најголемиот скок во рангот. Минатата година се најде на 16-тото место, во меѓувреме акциите на корпорацијата „Wal-Mart Stores“ паднаа за седум проценти, но тоа не ја намали успешноста на Алис. Иако е една од наследничките, таа не се занимава со маркетите. За тоа се задолжени нејзините браќа Роб и Џим. Алис е колекционер на уметнички дела и на донации. Таа беше и една од жените што ја поддржаа Хилари Клинтон и тоа со 25.000 долари.

 

Жаклин Марс

Третото место е резервирано за наследничката на корпорацијата „Марс“, Жаклин Марс. Како пренесува „Форбс“, нејзиното богатство е проценето на 23.4 милијарди долари. Жаклин заедно со нејзините браќа, по смртта на таткото во 1999 година, ја наследува компанијата што произведува храна за миленичиња и десерти. Интересно, но ниту еден од нив не е активен во компанијата, која на годишно ниво остварува приход од 33 милијарди долари.

 

Марија Франка Фисоло

Четвртата најбогата жена во светот е Италијанката Марија Франка Фисоло. Таа е сопруга на основачот на италијанската компанија за чоколади „Фереро“, Мишел Фереро, кој почина минатата година. Марија има богатство од 22.1 милијарда долари и е сопственик на компанијата, заедно со синот Џовани, кој е извршен директор. Освен прекрасните „Фереро“бонбони, оваа компанија стои и зад производите на „Нутела“, „Киндер“ и „Тик Так“.

 

Сузан Клатен

На петото место се наоѓа Германката Сузан Клатен. Оваа фармацевтка има богатство од 18.5 милијарди долари и е наследничка на акционерите на „Бе-Ем-Ве“.  Нејзината мајка, Јохана Куандт, минатата година се најде на деветото место на најбогати жени во светот, но во август 2015 година почина, а богатството го наследи Сузан. Всушност, Јохана уште од одамна ѝ ги препишала акциите на ќерка си, но трансферот се направил дури по нејзината смрт.

Всушност, Сузан заедно со нејзиниот брат Стефан Куандт, кој исто така е милијардер), поседува половина од „Бе-Ем-Ве“. Но, нејзиното поле на дејствување е фармацијата. Таа на јавноста ѝ стана позната и по тоа што успеа да обезбеди преку два милиона долари годишни приходи за германската фармацевтска и хемиска компанија „Алтана АГ“.

Поранешната сопруга на Стив Џобс, Лорен Повел Џобс е на шестото место со богатство од 20 милијарди долари, а зад неа е Џина Ринехарт, сопственичката на рудник со богатство проценето на 15 милијарди долари.

На осмото место е претседателката на мултинационалната корпорација за финансиски услуги „Фиделити Инвестментс“ Абигејл Џонсон чие што богатсво се проценува на 14.4 милјарди долари. Во првите десет се наоѓа уште една сопственичка на рудник, Ирис Фонтбона со богатство од 13.7 милијарди долари, додека првите десет завршуваат со Беати Хајстер, наследничката на германските маркети „Алди“, со богатство од 13.6 милијарди долари.

Инаку, „Форбс“ сподели податок дека годинава бројот на жени се намалил на 190 за разлика од 197 од минатата година. Шест од нив починале во текот на изминатата година. 

Исто така, само 10 проценти од вкупниот број од 1.810 богати луѓе на светот се жени.

За само една година, богатството на 31 жена падна под една милијарда, но од друга страна, 27 жени се придружиле на листата милијардери за првпат. 

Објавено:
21 март 2017
Категорија: 
Култура
Прочитано:
1.660 пати