Големи очекувања за скопската премиера на „До Балчак“

17 октомври 2014

Во сабота во киното Милениум премиерно ќе може да се погледне долго очекуваниот филм на Столе Попов, „До Балчак“. Имено, ова е втора премиера на македонски филм годинава, заедно со филмот „Деца на сонцето“ на Антонио Митриќески.

Филмот кој предизвика многу контроверзии, за време на снимањето, но и по завршувањето, сепак се очекува со нетрпение. За овој филм беше одобрен буџет од 3,2 милиони евра што е навистина амбициозен подвиг и силен мотив кој ја разгорува љубопитноста на секој човек и граѓанин на оваа земја. Приказната е веќе добро позната. Станува збор за љубовен четириаголник помеѓу различен профил на ликови, кој се случува на „дивиот исток“, односно во Македонија, а временската рамка е лоцирана на почетокот на минатиот век.

На денешната прес конференција,директорот на филмскиот фонд Дарко Башевски, режисерот Столе Попов и дел од актерската екипа во состав: Сашко Коцев, Сенко Велинов и Мартин Јорданоски со големо воодушевување и задоволство ја најавија премиерата која ќе се случи утревечер во киното Милениум, на која ќе присуствуваат и останатите членови не само од актерската, туку и до техничката екипа.

„Јас сум презадоволен, што најпосле го остварив она што долги години е моја замисла и мој сон. Она што мене ми претставува особено голема чест се реакциите на публиката, која можеше премиерно да го погледне филмот во склоп на фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола. Нивното внимание беше комплетно задржано и покрај фактот што филмот трае 155 минути. Мене ќе ми биде големо задоволство да дојде публика во што поголем број, особено Македонци да го погледнат овој филм, затоа што се занимава со сржта на нешто што ние сакаме да го доживееме или дефинираме како македонска кауза. А јас лично македонската кауза ја подразбирам како едно длабоко исконско чувство на слобода. Ослободено од било какви идеологизирања, нешто што го доживуваат обичните луѓе во тешки и пресудни историски моменти. Оваа не е филм за конкретни историски настани или ликови, туку е филм за обичниот човек. Луѓе од крв и месо и навистина ми е драго дека публиката се поистоветува токму со такви ликови“, рече во своето обраќање режисерот Столе Попов.

„До Балчак“ е филм кој е наш годинешен кандидат за номинација за „Оскар“ во категоријата за филмови од неанглиско говорно подрачје. Режисерот Столе Попов важи за еден од нашите најуспешни и најголеми автори чии филмови и денес се актуелни и се остварувања со култен статус. Ова петти или шести пат, негов филм да е номиниран во категоријата за Оскар.

Директорот на филмскиот фонд најави дека активно работат на што подобра и поголема промоција како и дистрибуција на филмот како во нашата земја, така и во соседните, но и пошироко.

Актерите не можеа да ја скријат возбудата за долгоочекуваната премира. Дел од нив веќе имаа можност да го погледнат филмот во Битола, но дел од нив не.

Само да напоменеме дека во филмот игра претежно македонска екипа на актери меѓу кои во главните улоги ќе ги видиме словенечка актерка Инти Шрај, Сашко Коцев, Мартин Јорданоски, Тони Михајловски, потоа Искра Ветерова, Сенко Велинов, Мики Манојловиќ, Никола Којо, Никола Ристановски, Драган Спасов – Дац и многу други. Сценаристи на филмот се режисерот и Горан Стефановски, директор на фотографија е Апостол Трпески музиката е на Дуке Бојаџиев, костимографијата и беше доверена на Емилија Ивановска – Атанасовска, а шминката ја работеше Светлана Гутич. Филмот е снимен под продуцентската палка на Данчо Чевревски и Миливое Ѓорѓевиќ.

Во продолжение уживајте во музичките ноти на насловната нумера на филмот и неколкуте фотографии снимени на дел од сетовите.

 

Објавено:
17 октомври 2014
Категорија: 
Култура