Громогласни аплаузи на македонската премиера на „Господ постои, името ѝ е Петрунија“

19 март 2019

Во градското кино “Милениум“ вчера се одржа македонската промоција на филмот „Господ постои, името ѝ е Петрунија“. 

Голем број посетители и луѓе од јавниот живот и културната фела ја погледнаа приказната која имаше одличен прием на годинашното Берлинале.

На премиерата присуствуваше и тимот на филмот.

Теона Митевска се појави во зелено кадифено одело, кое за неа беше специјално изработено од модната куќа „Елена Лука“ за црвениот килим на „Берлинале“-то. Оваа трендовска комбинација, која буквално доминира на модната сцена неколку сезони, совршено ѝ прилега на Митевска, а модната куќа покажа дека не само што е во чекор со светските актуелности, туку дека креиерањето за самоуверени и моќни жени е за нив предизвик со кој совршено се справуваат

За потсетување, и дел од останатата екипа довербата му ја дадоа на македонскиот бренд кога е изгледот на црвениот килим во прашање. Дизајнерите на „Елена Лука“ создадоа префинети и трендовски креации, моќни и достојни на пригодата, а сепак следејќи го модниот вкус и естетика на секој од членовите поединечно, со што се заокружи уште една успешна, интернационална, модна приказна.

На престижниот филмски фестивал, остварувањето ја освои наградата "Ecumenical" од жири комисијата, по што нашиот филм дополнително се закити и со уште една фантастична награда специфична за берлинскиот фестивал; наградата "Guild Film Prize".

Македонската публика имаше можност во „Синеплекс“ минатата недела да присуствува на претпремиерата, а филмот веќе е на репертоарот на двете споменати кина, за сите што ги пропуштија овие две шанси.

Инаку, француската компанијата за продажба „Пирамид", која ги откупи правата за продажба, успеа филмот, досега, да го пласира во 28 земји низ целиот свет.

Прикажувањето на филмот започнува во Франција од 1 мај, па потоа Петрунија продолжува во кино дистрибуција низ целиот свет од Далечниот Исток во Кина, Јапонија, до Австралија, преку Јужна Америка во Бразил и Колумбија, па на север до Канада, преку Турција и земјите од Блискиот Исток, до источна Европа вклучително Русија, Полска, Романија, Унгарија, Украина, па во западна Европа Италија, Шпанија, Белгија, Австрија, Луксембург, Шведска, Данска, и Швајцарија, до речиси секаде во соседството во Србија, Босна и Херцегновина, Хрватска, Словенија, Црна Гора и нам јужна Грција.

Покрај овие, веќе потврдени земји, преговорите продолжуваат и за останатите земји кои изразија интерес, како САД, Германија, Мексико и други. Агентот за продажба „Пирамид" потенцира дека неверојатно добрите рекации на публиката во Берлин и добрите критики на светските критичари допринесоа за овој исклучително голем интерес од дистрибутерите, а пак голем дел од нив веќе го имаа откупено филмот и за време на самиот Берлински фестивал. Тие продолжуваат со работа на пласманот на филмот со учество на најголеми филмски маркети и фестивали по нивен избор во наредниот период. Како исклучителен филм „Господ постои, името ѝ е Петрунија" веќе е ексклузивен филм за отварање или затварање на низа фестивали. „Пирамид" исто така потенцира дека за секоја земја се потрудиле филмот да биде продаден на навистина добри дистибутерски куќи.

Исклучително важно да се напомене е и дека „Господ постои, името ѝ е Петрунија" исто така е продаден и на телевизиската куќа HBO, која ќе почне со прикажување откако ќе заврши светската кино дистрибуција.

Објавено:
19 март 2019
Категорија: 
Култура
Прочитано:
291 пати