Летен лексикон

Групното одење на базен со друштвото од маало ми беше доживување

17 јули 2017

Низ страниците на летниот лексикон со Владо Сејменовски, урбан градски лик, менаџер на „Bata" и дел од тимот на „Fashion Group", се навративме на неговото детство. Маратонските седенки во маало, првиот летен одмор без родителите, групното одење на базен, се првите асоцијации што го потсетија Владо на летните детски денови. Меѓу другото, тој ни предложи и интересен избор на книга за плажа, ни го откри и омилениот урбан летен настан, а за сите детали читате во продолжение...

- Сте пополнувале ли некогаш лексикон?
Зар има некој што не пополнувал лексикон?

-Прва асоцијација за лето...
Пуштањето на фрижидерите "во погон" во маалските гранапчиња...чим е лименката или флашата ладна знаеш дека доаѓа лето.

-Прв летен одмор без родители...
Мислам дека бев основно школо, 4 или 5 одделение, во Будва, Црна Гора.

Често со брат ми одевме сами на одмор. Кога велам сами мислам без родители, не праќаа со организирани тури преку училиште или слично. Беа тоа големи тури со многу деца. Интересни одмори од кои ден денес имам сеќавања.

-Кои ви беа омилени активности како дете за време на летниот распуст...
Седевме по цели денови во маало. Буквално од утро до вечер. Во паркчето или во дворот на градинката ги имавме и сите оброци во текот на денот. Игравме џамија, сакате ли војска, жмурки, џамлии... Но сепак групното одење на базен ми беше доживување.

-Предлог книга за на плажа...
One day we'll all be dead and none of this will matter. Книга на Scaachi Koul, дете на индиски имигранти која ги споделува своите стравови, бес и понижувачки моменти од својот живот на еден чудно хумористичен начин и доста искрено. Дефинитивно после читањето ќе се согласите дека еден ден ништо од ова што се случува денес нема да биде важно.

-Ова лето слушам...
Слушам буквално сè. Во принцип не сакам слушалки во уво така да се препуштам на изборот на другите. Кога сум дома или на работа секогаш ми е пуштено радио или пак телевизорот на некој музички канал.

-Ова лето гледам...
Не се ни сеќавам кога последен пат сум изгледал филм. Не сум и некој фанатик на серии. Исто како и за музиката...препуштам на FoxLife, FoxCrime, FoxMovies, Cinemania...

-Омилен летен настан, фестивал, културно случување...
Дефинитивно Егзит.

-Што ако се расипе клима на +40?
Немам проблем воопшто. Искрено дома не ни имам клима.

-Во кои ситуации се зацрвенувате?
Црвенеам само кога ќе заспијам на плажа и ќе изгорам.

-Што најмногу Ве иритира на плажа?
Ништо не ме иритира на плажа. Кога сум на плажа игнорирам се околу себе. Знам да легнам и да се изгубам. Воопшто не ми пречи да се пржам на сонце и така буквално се исклучувам. Инаку сум тип на човек кој знае да се изиритира од ситница.

-На/За што размислувате додека лежите на плажа?
За сè. Мозокот ми работи без престан. Меле постојано. И што треба и што не треба. Ми има направено планови и за следните 20 години. Се трудам тоа да го променам, почнав со јога и медитации и се надевам дека во скоро време ќе успеам да го натерам да се контролира.

-Се сеќавате ли на првата летна љубов?
Не верувам дека постои некој кој тоа го има заборавено.

- Без што не заминувате на летен одмор?
Обврските на работа ми налагаат секогаш да бидам достапен, дали за одговарање на мејлови или пак повици па без телефонот никогаш не заминувам нигде. А и во него имам се, од книги до музика... доколку ми затреба.

 

Објавено:
17 јули 2017
Категорија: 
Култура
Прочитано:
857 пати