„Гугл“ му посвети анимација на човекот на кој може да му заблагодариме за миењето раце

20 март 2020

Сигурни сме дека денеска отворивте „Гугл“ и наместо очекувана анимација и порака за пролетта,  видовте анимација во чест на унгарскиот научник Игназ Семелвајс (1818 - 1865).

Во време кога оваа основна хигиенска навика за миење раце може да нè спаси, нему можеме да му заблагодариме за откривањето на пред сè нејзината важност.

Имено, тој ги убедувал лекарите, своите современици дека за да се избегнат бројни инфекции, неопходно е да се мијат раце.

Семелвајс ги истражувал причините за големиот процент на смртност на родилки и други луѓе во Универзитетската болница во Виена, која во тоа време била мошне угледна, каде тој бил начелник на гинекологија и акушерство. Резултатите го довеле до заклучокот дека во здравствените установи е задолжително детално миење на рацете и инструментите, со цел да се избегнат инфекции.

Тој им наредил на сите доктори, студенти и бабиците во болницата да ги мијат убаво рацете во хлорирана вода, пред секој преглед и породување. Пред ова, лекарите и останатиот медицински персонал само ги промивале рацете, понекогаш би ги избришале и само со крпа, а потоа би пристапиле кон следниот пациент.

Со воведувањето на оваа навика, стапката на смртност во болницата од неколку десетици проценти, била намалена на еден отсто. Всушност, научникот придонел за  сфаќањето на важноста на миењето раце.

Петнаесет години подоцна, кон почетокот на 1860-тите години, Семелвајс се враќа во родната Унгарија, каде ја продолжува работата во породилиштето во Будимпешта. Објавува студија во која докажува дека миењето раце може да го спаси животот на пациентите. Во тоа време, а и нешто подоцна, оваа негова студија ќе биде предмет на јавен потсмев.

Неколку дена пред трагичната смрт на Игназ во еден сенаториум, каде во 1865 година ќе си отсече прст кој бргу се инфицирал, познатиот британски хирург Џозеф Листер ќе ги следи неговите препораки. Тој во текот на операциите ќе почне да користи раствор од јаглеродна киселина, која ќе ја користи за одмивање раце и чистење на инструментите.

Инспириран од студијата на Семелвајс, ќе му оддаде почит со пораката: „Без Семелвајс, моите достигнувања би биле безначајни“.

 

Објавено:
20 март 2020
Категорија: 
Култура
Прочитано:
1.367 пати