Ненад Стојановски е сигурно најголемиот фраер што некогаш се појавил на театарската сцена. Во неколку наврати ќе каже самиот, во неформални дружби, дека театарот нему му значи повеќе од животот. И така беше... Мислам дека отсекогаш го познавав Ненад и тврдам дека сите беа вљубени во него, онака на прв поглед, фатално. Кога го гледав на сцена ми предизвикуваше да сонувам пожестоко, да го оставам срцето на сцена. Кога имавме проби со „Брачна Игра“ не помина проба, а да не го спомнеме со Џамбазов и Тони. Особено Игор кој има арсенал приказни со Ненад. Мене ми е најслатка приказната дека бил со нив, со Ненад и Силвија на меден месец и тоа на задното седиште од нивниот стокец.


Јас пак бев да ја гледам безброј пати „Среќна нова 1949" во тоа негово бело одело, со задршка во секоја реплика, кај него и паузата беше реплика. Секогаш кога ќе се појавеше на сцена не дишев, се обидував да научам како ги говори репликите со таа негова мангупска леснотија и фраерска самоувереност. Оној момент кога излегува на сцена со актерски подтекст дека ќе ги растури сите на сцена.


„Сили во воздухот" со онаа фамозна реплика кога ќе му дојдеше преку глава од сè „Идам да таксирам", па мислам дека на секоја вежба по актерска игра се обидувавме да ја изговориме на начин на кој тој ја пласираше.


Моментот кога дознав дека го нема бев во Охрид и подготвувавме некоја претстава за Охридско лето.Тоа беше еден од оние моменти во мојот живот кога не сакав да поверувам дека може таков лик да умре. Мислев дека е имун на смрт, на напуштање. Се сетив на неговиот омилен тексас аутфит... Ми требаа години да соберам храброст и да ја прашам Силвија што се случило тоа утро, пред да го испие кафето почуствувал болка во градите и толку било... Голем, убав, со огромна сурова болка која продира во градите, толку издржало срцето.


Секогаш во тие моменти на загуба ти доаѓаат мисли кога прв пат го видов... Го видов на некој МОТ, претстава во Капан Ан, седеше со Силвија позади мене. Јас бев во гимназија, имав аматерска театарска група и знам дека го гледав него, а не претставата. Силвија беше трудна и беа преубави како пар. Знам само дека ја држеше за рака и ја гушкаше. Тоа беше прв пат да го видам надвор од сцена. Но, првиот пат кога го видов на сцена имав само 12 години. Се играше Хај -фај, седев во првиот ред и знам дека од толку што бев подзината устата ме болеше. Ненад беше мојот фраер во тинејџерството, мојата прва замислена љубов, мојот прв „креш" на глумец...

Си викав, ако некогаш станам глумица сакам со него да играм... Подоцна дознав дека сите сакаа да играат со него. Се сеќавам дека прекинував проба за да се напијам кафе во бифе со него, се сеќавам дека бевме во Котор со една претстава тој како продуцент јас играв во „Приказна за војникот". Се грижеше дали имаме се што ни треба, дали сме среќн. Јана носеше наочари исто како моја Мина денес и постојано и повторуваше дека без разлика на нејзиниот страбизам е најубавата женска што некогаш ја запознал. Ана беше милениче кое знаеше да му се вовлече под кожа.


Ана и Јана беа мали и беше неверојатно трпелив и нежен татко. Оној негов длабок сув вокал ден денес ми зуи во ушите без разлика колку време помина. Така голем, толку прекрасен, со таа убава широка насмевка. Кога ќе излезеше на сцена ја имаше таа моќ, што само него го гледаш, другите се само некои кои минуваат покрај него. Гибнат од Бога. Прекрасен, преубав, преталентиран. Недостасуваш....
Силвија веројатно беше стожер на се она што се случуваше околу нив цело време, оние кои не се во нашиот свет не знаат дека е извонредно тешко да имаш толку голем глумец по дома.

....Горан Стефановски пишуваше улоги за него, Унковски режираше.

Повеќе од сигурно е дека требаше да биде професор по глума на ФДУ и да игра повеќе во филмови, но знаете како, кај нас секогаш главните улоги ги играат оние од соседството, оти нели имаат разно разни оправдувања режисерите за нашите глумци во македонските филмови, од лик кој не може да го оправда сценариото до размери на глава, колена, лакти и разно разни други будалаштини.

Имаше само 46 години, јас имам толку. Колку е краток животот, непредвидлив. Постојано му аплаудирам оти ние само тоа паметиме и од тоа живееме. Мил мој, наш Ненад, сакам да ти кажам бејб дека Ана е со нас во МНТ и е преубаво суштество, Јана е во Драмски и пее како ангел, сакаат и двете да личат на тебе па често им велам, Ана ја има твојата насмевка, Јана потсетува неверојатно на тебе. Израснаа во добри деца, воспитани. Силвија и покрај сите работи што и се случуваа, остана жилава, таа од тебе ја присвои навидум безгрижната насмевка.

Аплауз за тебе Ненад, еден и единствен!


Добитник на безброј награди:

-Награда на Фестивалот Стериино позорје за улогата на Андреја во претставата „Диво месо" (Нови Сад, 1980);
-Награда за најдобар млад актер на Македонскиот театарски фестивал (МТФ) Војдан Чернодрински за улогата на Козаков во претставата „Бркотница", (Прилеп, 1981);
-Награда за најдобра епизодна улога на МТФ Војдан Чернодрински за улогата на Козаков во претставата „Бркотница" (Прилеп, 1981);
Награда за актерско остварување на МТФ Војдан Чернодрински за улогата на Пиги во претставата „Среќна Нова '49" (Прилеп, 1985);
-Награда 11 Октомври за улогата на Јаков III во претставата „Дупло дно" (1985);
Награда за најдобро актерско остварување на ревијата Екран за улогата на Пиги во претставата „Среќна Нова '49" (1986);
Награда од списанието Дневник од Нови Сад за најдобро актерско остварување на Фестивалот Стериино позорје за улогата на Миле во претставата „Сили во воздухот" (Нови Сад, 1989);
Златен медал на Театарските свечености Љубиша Јовановиќ, за улогата на Дамјан во претставата „Кула вавилонска" (Шабац, 1990).

Бејби Мама

Објавено:
15 јули 2016
Категорија: 
Култура
Прочитано:
6.029 пати