Изложба на студентите од насоката Индустриски дизајн на Машинскиот факултет

14 мај 2018

Утре во просториите на Машинскиот факултет во Скопје, ќе се одржи изложба на уникатни дизајни изработени од студентите на насоката Индустриски дизајн при овој факултет.

Изложба ја сумира работата од претходните две учебни години на студенти од сите студиски години. На изложбата ќе бидат презентирани најновите дизајни на светилки, мебел, техника, играчки, декоративни предмети и низа други производи изработени од вештите раце на младите дизајнери. Во процесот на дизајнирање применети се дизајнерски методи за анализа и прибирање на податоци, а сето тоа е преточено во уникатни производи користејќи современи алатки и техники. Изложбата ќе се одржи во просториите на Машинскиот факултет во Скопје. Свеченото отворање од страна на Деканот на Машинскиот факултет, проф. д-р Дарко Данев е закажано за ден 15.5.2018 година (вторник) во 19 часот.

Насоката Индустриски дизајн е основана во 2004 година на Машинскиот факултет во Скопје. Од тогаш студентите се актуелни учесници на сите настани од областа на дизајнот како во државата, така и надвор од неа. Некои од нив се: Саем на мебел, Скопје Креатива, Недела на дизајнот во Скопје, Миксер – фестивал на креативни уметности во Белград, Недела на дизајн во Пловдив, Д Деј – недела на дизајн во Загреб, Саем на мебел во Милано. За успешноста на студентите дополнително сведочат и бројните награди на настани како Макинова, Еконова, Интернационален натпревар во SolidWorks. www.design.mf.edu.mk

Објавено:
14 мај 2018
Категорија: 
Култура
Прочитано:
65 пати