Извонредното џез трио „Imaginary Folklore“ доаѓа на „Скопје креатива“

11 април 2017

На 4 мај во МКЦ, на отворањето на шестото издание на фестивалот „Скопје креатива 2017, не' очекува ексклузивен џез концерт со „Imaginary Folklore", претходно познати како „Por Ché Ne Trio", космополитски микс од три силни музички карактери, секој од нив икона на традиционална музика во својата земја, Аргентина, Италија и Македонија.

Љубовта и страста кон џезот и сите негови форми ја изразуваат преку изведба од Јохан Себастијан Бах и сите форми на контрапункт, хармонија и организација на мотив до балкански ритам со негови мелодии. Нивната музика претставува трансферзала помеѓу три држави со оригинални композиции.
Ова космополитско трио постои од 2014 година под името „Por Ché Ne Trio", а од неодамна се преименуваа во„Imaginary Folklore". Досега има настапувано на различни места во светот како: Аргентина, Америка, Европа, Балканот и Македонија.

Пред две години имавме можност да ги чуеме на фестивалот „Битфест" кога публиката уживаше во прекрасните звуци на космополитскиот микс од трите различни музички култури. Нивната стандардна постава ја сочинуваат: големиот Лео Џеновезе (пијано, електроника, вокали) од Аргентина, кој има настапувано со ѕвездата на џез музиката, Херби Хенкок, потоа со Стинг, Стиви Вондер и уште многу други, Италијанецот Франческо Маркоки (акустичен бас, вокали) и нашиот Александар Петров (тапани, перкусии, вокали). На нивниот репертоар се наоѓаат композиции како „El Gavilan" – Виолета Пара, „Digital Ayatollah" – Спинета Џаде, преку преработките на класични дела во џез верзиии како „Turkish March" – Моцарт, „Goldberg variation" – Бах, па се' до авторските композиции: „Ethiopian Blues" наЛео Џеновезе и „Bissareres" или „Nona de l'est" на нашиот музичар Александар Петров.

Инаку, македонскиот перкусионист Александар Петров на македонската музичка публика и е познат најмногу по извонредните концерти што ги одржа со квартетот „Баце", во кој членуваат и Васил Хаџиманов на клавијатури, Теодосиј Спасов на кавал и Башар Калифе на перкусии. По завршувањето на Музичкиот конзерваториум во Париз на отсекот ударни инструменти во 2002 година, целосно му посветува внимание на народниот инструмент – тапанот.

-Да свириш тапан во Македонија не е ништо посебно, дури не би можел да кажеш дека твоја професија е да си тапанџија. Никогаш не би помислил дека со мојот тапан би можел да живеам на запад и дека тој ќе зборува за мојата земја и мојот идентитет насекаде во светот, во Јемен, Јордан, Мароко, Алжир, Либан, Бахреин, Европа... Тапанот е инструмент што има беспрекорна можност и иако изгледа едноставно и е направен со една единствена цел, денес тој за мене не е ништо помалку од кој било друг инструмент – вели Петров.

Фестивалот „Скопје креатива 2017" ќе се одржи од 4-6 мај, во МКЦ, во организација на Град Скопје и Конгресен центар Александар Македонски.

Објавено:
11 април 2017
Категорија: 
Култура
Прочитано:
92 пати