Јана Мишо открива како се оди во Париз

21 мај 2018

„Како се оди во Париз - прирачник со дневник за патување“ е најновото од младата авторка Јана Мишо. Читателската публика имаше можност да ја запознае преку книгите „Скоро парижанка“ и „Анаис од Монмартр“, а сега подготви симпатичен прирачник за сите оние што за првпат ќе одат во француската престолнина.

Со кроасан, макарунс и кафе, за момент замисливме дека сме на доручек во Париз, каде со Јана ги споделуваме искуствата од овој град.

„Мојата прва средба со Париз беше во 1993 година. Тогаш имав седум години, па некои спомени се избледени. Но, за среќа, имав можност да му се враќам повеќе пати, дури и ако не отидам макар еднаш во годината, ми недостасува. Знаејќи како ми беше кога јас, на поголема возраст, за првпат отидов во овој град, можам да ги посоветувам сите пред да одат таму да прочитаат некоја книга за Париз, навистина го олеснува престојот. Во контекст на ова, се радувам на прирачникот, бидејќи таму ќе имаат можност да ги забележат своите впечатоци, па од прирачник, тоа може да стане лична книга на патувачот. Посебно се радувам на мапата на спомени каде што можат да се означуваат посебни моменти со бројки, па вообичаените простори за списоци за пакување, купување, лепење фотографии и билети“, ни раскажа Мишо.

Низ прирачникот можат да се прочитаат практични совети, но и цитати од „Скоро парижанка" и „Анаис од Монмартр", за да го заокружат доживувањето.

„Открив дека кога ќе прочиташ книга за француската метропола пред да заминеш таму, тоа неверојатно го подобрува искуството. Одушевувачки е кога ќе застанеш на местото за кое претходно пишувал некој. Тоа, и би ги советувала да не купуваат ајфони од Пигал!“, вели Јана.

После успешната промоција на Саемот за книга, Јана на оваа средба ги повика модните блогерки и новинари, бидејќи една од првите асоцијации за Париз е токму модата.

„Да, кога мислиме на Париз, мислиме и на мода. Таму жените се негувани и средени, но удобноста е пред сè, затоа и најчесто ќе видите да носат патики. Исто така, толку едноставно се облекуваат, а убаво, што речиси и да нема човек на кој ќе видите со огромни букви да пишува дека носи познат бренд. Често се работи за комбинации од парчиња кои можат да вредат и 20 евра, но и многу повеќе. Сепак, сè е минималистичко, со вкус и повторно ќе речам удобно“, сподели авторката.

Инаку, во текот на овој месец мај, сите што ќе купат некоја од книгите на Јана, стануваат потенцијални добитници на два авиобилета за Париз. Откако ќе купите некој од романите „Скоро парижанка" или „Анаис од Монмартр", добивате ваучер, на кој ќе одговорите многу едноставно прашање. Задолжително зачувајте ја фискалната сметка, а ваучерот ставете го во специјално означената кутија во книжарницата „Литература.мк" и во продажното место на „Арс Ламина" во ТЦ Рамстор-Скопје. Извлекувањето ќе се одржи на 2 јуни (сабота) во книжарницата „Литература.мк" на ул. „Македонија". Среќниот добитник ќе биде објавен и на нивната „Фејсбук" страница.

За крај ја прашавме Јана, ќе ги продолжи ли приказните за Париз, на што вели:

„За сега мислам, не. Наскоро ќе заминам за Барселона, па можеби таму ќе ми дојде некоја нова инспирација и пишувањето ќе го насочам кон друго место. Но, не можам ни дефинитивно да му кажам збогум ниту на Париз. Пишувањето за овој град дојде спонтано, а до кога ќе трае, навистина не знам. Сè зависи од тоа како ќе ме понесе инспирацијата“.

Во продолжение погледнете дел од атмосферата:

Објавено:
21 мај 2018
Категорија: 
Култура
Прочитано:
305 пати