Јубилејното издание на 35-от фестивал „Браќа Манаки“ ќе не вивне кон ѕвездите

2 септември 2014

 

Најстариот филмски фестивал „Браќа Манаки“, денес во просториите на Сити Хол ја објавија целосната програма за 35-тото јубилејно издание на фестивалот „Браќа Манаки“, која преку осум програмски категории опфаќа исклучителни 76 филмови, од кои дваесет се македонски проекти или филмски копродукции во кои учествува Република Македонија. Најинтересни за јавноста секако се долго очекуваните гала премиери на двата нови македонски филма кои за прв пат ќе бидат прикажани пред широката публика и се надвор од фестивалската конкуренција. Тоа е речиси тричасовниот историски спектакл на Столе Попов филмот „До Балчак“ кој ќе биде прикажан на 20-ти септември. Закажана е  и социјалната драма „Деца на сонцето“, којa е воедно и третиот игран филм на режисерот Антонио Митриќески, кој ќе биде презентиран на свеченото затворање на 19-ти септември со што ќе се продолжи традицијата на  најважните македонски филмови прв пат да се прикажуваат во рамки на фестивалската програма во Центарот за култура во Битола.

„Би сакала да го изразам моето големо задоволство што се наоѓаме пред 35-тото, јубилејно издание на најстариот и најзначаен филмски фестивал во Република Македонија, Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“, кој годинава ќе биде одбележан со низа исклучително значајни премиери и присуство на врвни гости од земјата и странство, ќе биде ново филмско уживање за љубителите на седмата уметност. Убедена сум дека ова издание уште еднаш ќе ја потврди нашата посветеност кон филмската уметност и големата експанзија на македонската кинематографија“, - рече Министерката за култура на Република Македонија, г-ѓа Елизабета Канческа-Милевска.

DSC_6033

Министерката која и овој пат не изостануваше во поглед на елегантниот изглед и дамската шармантност пред новинарите потенцираше дека од 2008 до денеска во категориите долгометражни, документарни, кратки и анимирани филмови, се поддржани над 156 проекти, кои имаат реализирано 616 учества на меѓународните фестивали и истите освоија 113 награди, што е навистина импозантна бројка и претставува валоризација на уметничкиот труд и потенцијалот на македонските филмски работници и на македонската филмска уметност.

„Годинешното мото на фестивалот гласи „Кон ѕвездите“ и не е избрано случајно. Постојано стремејќи се кон повеќе и подобро, цврсто застанати на земјата го подготвивме и ова фестивалско издание кое повторно нуди врвни филмови, возбудливи и провокативни, креативни и мајсторски сработени. Повторно носиме легендарен директор на фотографија и еден негов помлад колега кој сигурно чекори кон легендите. Повторно носиме филмски ѕвезди, повторно најдобрите македонски филмски продукти стапнуваат на платформата Манаки. Повторно нашите филмаџии, нашите студенти и филмофили ќе се дружат, учат, разменуваат искуства и ќе остваруваат контакти со врвни филмски професионалци од светот, кажа директорката на фестивалот Лабина Митевска.

Топла, срдечна, среќна и задоволна и секако подготвена да ја изненади публиката која ќе дојде да го проследи фестивалот, Лабина  изрази огромна благодарност на сите кои  овие години се константни  поддржувачи на оваа манифестација.

„Горда сум на тоа што го постигнавме изминатите години и годинава – на малиот јубилеј 35 години од постоење на фестивалот – можеме да кажеме дека и најголемите мечти не се неостварливи доколку се работи умно и постојно. Македонија преку „Браќа Манаки“ и годинава ќе биде сјајна ѕвезда на филмското небо. Повторно Битола ќе биде домаќин на најголемиот мал фестивал. Повторно Битола ги отвора портите за сите вљубеници на филмот, дојдете да уживате во главата програма, придружните настани и прекрасните дружби до доцна во ноќта. Повторно ѕвездите ќе сјаат најсилно во Битола, повторно ќе ви се помешаат реалноста и сонот, филмската визија и ноќното небо, повторно Битола ќе го облече својот космополитски костум, повторно и засекогаш само напред и само нагоре. Само смело и само решително, како што правеле браќата Манаки“, додаде Митевска.

Инаку, годинава во изедначена трка од главната програма се најдоа 11 наградувани филма, натпреварувачката програма на краток филм опфаќа девет, Новите визии носат пет авагардни наслови, исто толку и Вип детската програма. Во документарната селекција гледачите ќе имаат можност да видат девет автентични тематики, 11 филмови се поместени во склоп на македонската панорама „Кратко-слатко“ на Европската филмска академија. Од специјалните проекции освен најавените филмови во чест на добитниците на наградите филмот „Големата убавина“ на Лука Бигаци и „Читачот“ на Крис Менџис, ќе биде прикажана романско-македонската копродукција „Не сум славен, но сум Влав“, првиот филм целосно снимен на аромански (влашки) јазик.

Уметничкиот директор и селекторот на главната програма Благоја Куновски – Доре, откри дека во главната програма имаме филмови од четири континенти, четири филмови кои однеле награди од Берлин (освојувачот на „Златната мечка“, лауреатот на наградата за фотографија), тројца наградени од Кан, „позлатени“ и номинирани филмови од Карлови Вари, Сиднеј, Торонто, Венеција.

Што се однесува пак, за документарната програма селекторката на документарната програма Евгенија Теодосиевска најави автори-добитници на многу важни награди како и филмови кои ја освоија публиката и критиката ширум светот.

Оваа година се навршуваат 20 години од премиерата на култниот и најдобар македонски филм „Пред дождот“, па по тој повод Друштвото на филмски професионалци на Република Македонија повеќе од заслужено наградата „Златна ѕвезда на македонскиот филм“ му ја доделува на Милчо Манчевски, кој е во едно и нашиот најуспешен филмски режисер. За таа чест Роберт Насков претседателот на ДФПМ, во рамките на фестивалот најави дека ќе биде прикажан омаж на Манчевски, односно целиот негов опус на играни филмови.

Само да напоменеме дека 35-тото издание на „Браќа Манаки“ ќе се одржи од 13-ти до 19-ти септември. Добитник на специјалната награда „Златна камера 300“, за особен придонес во светската филмска уметност е Лука Бигаци, а добитник на наградата за животно дело „Златна камера 300“, ќе му биде доделена на Англичанецот Крис Менџис. Ѕвездата на фестивалот ќе биде објавена на деветти септември на само неколку дена пред почетокот на фестивалот.

 

 

Објавено:
2 септември 2014
Категорија: 
Култура