Какво емотивно летање со Лени....

4 мај 2019

Топол, човечки, љубовен, интимен, како на средба директно очи во очи со Лени Кравиц... Вака ви ги пренесувам првичните импресии под сè уште силна емоција од вечерашниот концерт во Скопје, на легендарната светска музичка ѕвезда.

Толку голем, извонреден, комплетен музичар, а толку непосреден, освестен, приземен, близок до обичните, жаргонски кажано, људина!

Концерт со приказна. Музика полна емоција. Разговор во очи со раскажувачот. Лени уживавме да сме во твое друштво вечерва.

Во низата попатни станици на неговата светска турнеја „Raise Vibration", не го изостави и Скопје, (благодарение на Авалон продукција), каде повторно му се враќа по неколку години, а вечерва го гушна со неверојатна енергија.

Публиката тоа интуитивно го препознава, не можеш да ја манипулираш, барем кога емоција е во прашање. Па, му возврати со истите вибрации. И така кружење на една толку неопходна, најсуштинска, човечка енергија, во текот на целиот концерт. Верувам дека сите земаа дома парче од таа емоција и верувам дека долго ќе ги држи во позитивно расположение.

Затоа и ваквото сплотување под универзалниот јазик на неговата музика, ни дојде на сите како рехабилитација.

Репертоарот без изненадување – фантастичен. Загревање со песниот од новиот албум, кулминација со неговите хитови „American woman", „I Belong to you", „Fly away", „Can't get you out of my mind", „Are you gonna go my way"...

Но, еден момент што го издвои беше оној на непосредната комуникација со публиката... Буквално.
Додека ја изведуваше "Let the love rule", Лени го „снема" од главната сцена и на позитивно изненадување на сите (што секако значеше голема еуфорија), се појави меѓу публиката на мала споредна сцена во задниот дел на партерот. Сплотен со неговите фанови... Неповторлива слика...

За потсетување, Лени во Скопје дојде со тим од 60 луѓе, десет камиони и шест автобуси... Па, за тие што не беа, може да претпоставите дека сцената беше импозантна, озвочувањето врвно, целиот концепт беспрекорен. Уживање во секој сегмент!

Лени не испрати со „Again" и ни вети дека повторната наша средба е задолжителна...

Објавено:
4 мај 2019
Категорија: 
Култура
Прочитано:
2.534 пати