Камерниот оркестар на Македонската филхармонија со два концерти во Казахстан

3 септември 2018

Денеска Камерниот оркестар на Македонската филхармонија отпатува во Казахстан, каде што ќе одржи два концерти - во Алмати на 5 септември и во Астана на 7 септември. Гостувањето на Камерниот оркестар на МФ се остварува со логистичка поддршка на Амбасадата на Република Македонија во Астана и амбасадорот Илија Псалтиров, а по повод Денот на независноста на РМ - 8 Септември.

Камерниот оркестар на Македонската филхармонија ќе го предводи македонскиот диригент, маестро Борјан Цанев, а како солист ќе настапи концерт-мајсторот на Македонската филхармонија, истакнатата виолинистка Анна Кондратенко. На програмата ќе бидат изведени: „Дивертименто" од Моцарт, свитата „Холберг" од Григ, избор од двете дела „Четири годишни времиња" од Вивалди и Пјацола, како и македонското дело „Капричо" од Драган Шуплевски.

„Ми претставува чест и задоволство што со напорната работа во едногодишниот период и нашето внимание кон презентација на Македонската филхармонија надвор од границите на нашата држава, се разбира и како достоен репрезент на културата, да се претставиме за првпат во оваа земја Казахстан", вели директорот на Македонската филхармонија, Виктор Илиески.

„Исто така, среќен сум што го враќаме функционирањето на Камерниот оркестар на МФ на сцената. Тоа е навистина битен чекор напред, бидејќи од огромно значење за квалитетот на симфонискиот оркестар е функционирањето токму на Камерниот оркестар, како и на голем број на камерни состави коишто се оформени во овој период, а се исто така составени од членови од оркестарот. Инаку, концертите во Казахстан се реализираат со помош на амбасадата на Република Македонија во Астана преку своите партнери и поддржувачи, меѓу кои и почесниот конзул во Алмати, господинот Султан Мукшаев, со помош на нашите помагатели, фирмите 'Спорт лајф', 'Каптел' и 'Кнауф', како и со сопствени средства на Македонската филхармонија", вели Илиески.

Објавено:
3 септември 2018
Категорија: 
Култура
Прочитано:
134 пати