Концертната сезона на Македонска филхармонија отворена со аплаузи и овации за Дино Имери и оркестарот

26 октомври 2017

 Концертната сезона на Македонската филхармонија започна вчера и тоа со концертот „Нов почеток“, еден од најпознатите концерти за пијано, а под водство на диригентот Борјан Цанев.

Пред да започнат убавите звуци и да посведочиме на совршената ускладеност на оркестарот, на присутните им се обрати и директорот на Македонската филхармонија, Виктор Илиески.

в.д. директорот Виктор Илиевски ја прогласи новата сезона на Македонската филхармонија за отворена

-Ви ветуваме незаборавни ѕвездени мигови од традицијата на светските и македонските композиторски пера, па сè до современите нотни записи. Од концерти во изведба на комплетниот филхармониски состав во оваа голема сала, до мини средби со нашите инструменталисти на малата камерна сцена. Ви ветуваме големи, славни имиња кои ќе блескаат на сцената, и кои ќе бидат уште една потврда на реномето на нашиот оркестар, но и дружење со млади талентирани надежи кои најавуваат широк уметнички спектар. Сигурен сум дека секое катче во новиот Дом, ќе биде омилен простор за нови дострели на македонските репродуктивни уметници, но и нов предизвик за вас почитувана публико. Тоа е патеката што Ви ја ветуваме, и воедно Ве покануваме да уживате во звуците на македонските филхармоничари вечерва, но во целата наша концертна сезона – ги поздрави Илиески присутните.

Останатиот дел од вечерта беше посветен на убавата музика.

Концертот во бе-мол од Петар Илич Чајковски, во кој солистот Дино Имери ја изрази својата виртуозност, наиде на одличен прием кај публиката. Таа задоволството го изрази со долги аплаузи и овации, кои го вратија Имери уште неколку пати на сцената.

Вториот дел од вечерта пак, беше резервиран за симфониската поема „Римски фонтани“ од Оторино Респиги и „Ѓаволштините на Тил Ојленшпигел“ оп. 28 од Рихард Штраус, што беше одлично заокружување на музичкото уживање.

Со „Нов почеток“ беше означен и новиот почеток на Македонската филхармонија, која како што вели тимот, има за цел да се доближи до секој граѓанин.

Следниот концерт е закажан за 2-ри ноември кога ќе биде изведена „Симфонија на тажни песни“, под диригентска палка на Емил Табаков од Бугарија, а солист ќе биде Ана Дурловски.

Маестро Борјан Цанев

директорот на Македонската филхармонија со управниот одбор и шефот на оркестарот

Маестро Борјан Цанев, Виктор Илиески, Дино Имери

Министерот за култура Роберт Алаѓозовски, шефот на неговиот кабинет Тодорче Тасевски во друштво на Бранка Костиќ и Виктор Илиески

директорот на Македонската филхармонија Виктор Илиески со сопругата

 

фото: Маја Аргакијева

Објавено:
26 октомври 2017
Категорија: 
Култура
Прочитано:
813 пати