Лабина Митевска во креација на Елена Лука на Кан

10 мај 2018

Познатата македонска режисерка и актерка Лабина Митевска на 18 – ти месецов ќе биде дел од Канскиот филмски фестивал, а за појавувањето на црвениот килим таа одбра креација од модната куќа Елена Лука.

„Последниве неколку години постојано се трудам да промовирам македонски дизајнери затоа што имаме фантастични креации. Поминувајќи покрај модната куќа, здогледав еден фустан, а бидејќи јас сум неверојатно инстинктивна, се качив, го пробав и знаев дека тоа е тоа. Бидејќи си на црвениот килим, треба да си соодветно облечен и мислам дека фустанот што го одбрав е тоа што јас го замислував. Многу ја почитувам модната куќа и мислам дека целиот тим на дизајнери е фантастичен и сите одлично си ја завршија работата, а резултатот ќе го видите на 18 – ти“, вели Митевска.

Инаку, таа е ко – продуцент на филмот „Ahlat Agaci“ од познатиот турски режисер Нури Билге Џејлан, кој годинава е дел од филмовите во главна конкуренција. 

„Станува збор за турски филм каде работев како ко – продуцент и сето ова е голема работа, бидејќи ова е втор пат да имаме филм во главна конкуренција. Како екипа на филмот, имаме протокол – прво, се оди низ црвениот килим, па се случува промоцијата на филмот по што следи забава, а следниот ден имаме прес“, раскажува режисерката.

Сосема нормално, ќе посочи дека појавувањето на Кан е сон на секој уметник, а да се биде во главната конкуренција е нешто огромно.

„Инаку, Нури Билге Џејлан, во моментов е еден од најголемите автори во европската кинематографија и ова му е веќе петто учество на Кан, а досега има освоено и две Златни Палми. За мене беше тешко да ги убедам да станам дел од филмот, Македонија да биде дел од филмот, бидејќи тој може да бира со кого може да работи. Креативниот процес беше прекрасен, филмот се работеше година ипол, па тоа што стигнавме до Кан е шлаг на сето она што го работевме“, вели таа.

Инаку, филмот раскажува приказна за еден поет, човек кој немајќи работа се враќа во неговото мало село кај мајка му и татко му во Турција, каде се случува целото дејствие.

„Во суштина, режисерот секогаш преку многу мали приказни раскажува големи работи. Преку едноставна приказна упатува цела една критика за општеството и светот во кој живееме“, посочува Митевска.

Додава дека во Кан е многу значајно кој ќе го види филмот, како ќе се промовирате, фантастично е во однос на контакти, на нови познанства, бидејќи сите очи во Кан се вперени кон твоето дело.

На прашањето дали навистина е толку гламурозно како што изгледа, таа вели:

„Апсолутно. Дури и повеќе. Јас секогаш кога сум таму се чудам како може секоја година да е погламурозно. Не само што филмовите се авторски, уметнички и фантастични, туку целата филмска индустрија што е таму е неверојатна“.

Објавено:
10 мај 2018
Категорија: 
Култура
Прочитано:
1.305 пати