Лејди Гага е дама во црно на премиерата на „A Star Is Born“

10 септември 2018

Во последно време Лејди Гага се појавува во неверојатни парчиња во кои изгледа блескаво, а токму во такво издание се појави и на премиерата на нејзиниот нов филм „A Star Is Born“.

Премиерата се случи на Интернационалниот филмски фестивал во Торонто, а на црвениот килим таа пристигна држејќи се за рака со нејзиниот колега и пријател Бредли Купер со кого глуми заедно во филмот.

Пејачката и актерка изгледаше фантастично во црн долг фустан од кадифе, со голема панделка во пределот на градите, а истиот совршено ја истакнуваше нејзината фигура.

Дека е обожавателка на модните додатоци докажа и овојпат, кога се појави со светкава шапка на главата и впечатливи обетки.

Дополнително, таа имаше црн вел на главата кој беше интересно споен со фустанот и изгледаше навистина драматично.

Бредли Купер, кој ја придружуваше на црвениот килим како една од главните улоги во филмот, се одлучи за темно кафен костим во кој изгледаше неверојатно згодно како и секогаш.

Нешто подоцна, за забавата после премиерата пејачката го промени фустанот и се појави во тесен сребрен фустан што и прилегаше подеднакво добро.

Во изјава по проекцијата таа ќе каже дека целото нејзино детство мислела дека воопшто не е убава и дека никогаш не верувала во себе.

„Кога се гледам себеси во овој филм, се гледам во моето детство, кога не верував во себе, кога ме исмејуваа на училиште, кога не се чувствував воопшто убаво и мојот единствен излез беше музиката. Токму поради тоа почнав да пеам и да свирам, да пишувам песни, сакав да избегам од целата болка“, изјави пејачката.

Инаку, се работи за трет по ред римејк на познатата приказна од 1937 година на режисерот William A. Wellman. Овој пат главните улоги ги толкуваат самиот Бредли Купер и сензационалната поп ѕвезда Лејди Гага.

Трагичната сторија го вклучува односот помеѓу познат музичар, ѕвезда на залезот од кариерата и млада, перспективна пејачка чија кариера е во подем. Филмот е фокусиран на нивната комплицирана, но релација исполнета со неверојатна хемија.

Фото: Дејли Мејл

Објавено:
10 септември 2018
Категорија: 
Култура
Прочитано:
179 пати