Нова програма на уличното списание „Лице в лице“

„Лице в лице СЕНС“ - да им се даде смисла на бесмисленостите

27 јули 2018

„Лице в лице СЕНС“ е нова програма на „Лице в лице“ дизајнирана со цел на бесмисленостите кои ги среќаваме секојдневно да им дадеме смисла и да поттикнеме акција за нивно решавање, а ќе биде промовирана утревечер (сабота, 28-ми јули) во 19.30 часот на Летната сцена на Н.У. Центар за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга, во рамки на шестиот Фестивал за процесирање култура „ДримОн“. 

- Не случајно одлучивме промоцијата на  СЕНС да биде на овој фестивал. Отворените умови што стојат зад него го забележале недостатокот на култура во градот и со својата акција даваат соодветен одговор, исто како што СЕНС ќе дава одговор на бесмисленостите кои што ќе ги согледува заедно со нашата заедница - нагласи Климентина Илијевски, извршна директорка и главна и одговорна уредничка на уличното списание „Лице в лице“.

Преку нотеси од рециклирана хартија кои повикуваат да ги запишеме нашите планови, но, и кои ќе нè потсетуваат да не заборавиме каква планета и општество им оставаме на нашите деца, СЕНС нуди линии дизајнирани наменски и со автентичен печат на авторите, но, под капата на тема на која ѝ треба адресирање. Визуелните решенија се на уметниците Ване Костуранов и на Зоран Инадески. Првите три колекции на нотеси и други аксесоари ги таргетираат родителството, уметноста и го охрабруваат користењето на велосипедот како основно превозно средство.

- Ми нема смисла што во 21. век полн со технологија и неверојатни ветувања, уште имаме младинци што не знаат да пишуваат и читаат - вели Теута Салии, која веќе половина година патува од Теарце до Скопје два пати неделно за да го одржи часот за описменување со продавачи на „Лице в лице“.

Со тоа, Салии дава одговор на нелогичностите во општеството што лично неа ја мачеле.

„СЕНС“ како програма на „Лице в лице“ кое што е социјално пртпријатие за работна интеграција, првенствено ќе се насочи кон лоцирање и решавање на бесмисленостите во општеството што се однесуваат на социјалната сфера и кон подобрување на инклузијата на ранливите поединци.

- Новата програма на „ Лице в лице“ е наменета да го олесни патот кон реализација на решенијата, а поседувањето производ од неа го прави купувачот дел од заедница со која што дели исти вредности - заклучува Жармена Божиновска, координаторка на програмата „СЕНС“.

Со купувањето на СЕНС производ, се вклучувате во  развојот на  социјалната економија во Македонија. Приходот на СЕНС, во суштина претставува ваша субвенција за креирање општество со еднакви можности за сите граѓани.

На самата промоција, производите ќе бидат достапни по промотивни цени. Од понеделник, 30-ти јули, пак, ќе може да се нарачаат преку страницата на „Фејсбук“ на „Лице в лице“ или на мејлот licevlice@public.org.mk

„Лице в лице СЕНС“ се развиваше во рамки на проектот „Смарт Старт: оддржливо влијание на граѓанските организации преку зајакнување на капацитетите за социјално претприемништво и иновации во Македонија, Црна Гора, Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска и Турција“.

 

Објавено:
27 јули 2018
Категорија: 
Култура
Прочитано:
893 пати