„Лице в лице“ во Струга – Број посветен на играта

20 јули 2016

Преку идеи и предлози за најразлични современи детски игри, кои повикуваат на квалитетно поминување на времето на отворено, а се поинакви од традиционалните, на плажата во кампот „Ливадиште“ во Струга, во среда во 18 часот (20 јули), ќе биде промовиран новиот број на уличното списание „Лице в лице“, овој пат посветен на игра и придобивките која таа ги носи.

Дизајн: Катерина Соколова

Новиот број на списанието ќе даде одговор на прашањата: каква е моќта на играта во промената на перспективата од која ги гледаме нештата околу нас,  колку глобализацијата остава простор за игра, кои се бенефитите од нејзиното практикување и колку е таа важна за нашиот психички развој, од детството па преку сите фази од нашето живеење. Во исто време списанието ќе се осврне и на значењето на играта кај возрасните како начин за негување на менталната креативност, здравјето и среќата, но, и како опција за ослободување од стресот и враќање на оптимизмот.

- Она што на­ви­сти­на воз­бу­ду­ва отка­ко ќе се за­че­ко­ри во оваа те­ма, е што на­ви­дум на­ив­ни­те и ба­нал­ни­те на­по­ри, еле­мен­ти на игра­та, мо­жат да до­не­сат не­сог­ле­ди­ви при­до­би­вки за учес­ни­ци­те во неа. За де­ца­та, по­бр­зо усво­ју­ва­ње на зна­е­ња и на вред­но­сти­те во жи­во­тот, за во­зрас­ни­те, вред­но­сти и од­не­су­ва­ња што го пра­ват жи­во­тот убав. Токму затоа овој број на „Лице в лице“ го посветивме на оваа тема - рече Климентина Илијевски, извршна директорка и главна и одговорна уредничка на „Лице в лице“.

На промотивниот настан во Струга присутни ќе бидат и тројца продавачи на „Лице в лице“ ангажирани преку Дневниот центар за деца на улица кои како награда за нивниот работен ангажман во изминатите месеци, но и поради постигнатите лични резултати, ќе имаат петдневен одмор во хотелот „Солферино“, подарок од Црвениот крст на Град Скопје.
Тројцата се редовни посетители на работилниците што ги спроведува платформата за активизам, „Лице в лице“, во координација на Жармена Божиновска и под водство на Катерина Ангелковска, тренер со сертификат за принципи за успех по методот „Џек Кенфилд“ и основач на „Успех без граници“, како и од Јасмина Дуриќ, социјален работник и психотерапевт. Петдневниот одмор во Струга продавачите ќе го комбинираат и со продажба на „Лице в лице“ по струшките плажи и низ Чаршијата.

- Во Струга сум бил како мал, и не се сеќавам многу на тоа летување. Сега, како повозрасен, доаѓам во улога на продавач на „Лице  в лице“, и среќен сум што со колегите-продавачи ќе имаме и едно вакво искуство. Одмор и работа. Во Скопје читателите веќе нè знаат, па тука сме на некој начин како „почетници“. Ќе видиме како ќе нè прифатат и стружани – вели Сухамед Садик, во пресрет на промоцијата на 21. број на уличното списание.

Ова е втора промоција на „Лице в лице“ во Струга. Првата се случи пред две години во рамки на Струшките вечери на поезијата, а акцентот беше ставен на моќта на поезијата во креирање општествени промени.

Инаку, Лице в лице“ го промовира моделот на социјално претприемаштво кај нас ангажирајќи луѓе од најранливите категории на општеството како продавачи на списанието. Половина од продажната цена (100 денари) оди директно за продавачот, а другата половина е наменета за градење на систем за подобрување на положбата на овие лица.

Објавено:
20 јули 2016
Категорија: 
Култура
Прочитано:
46 пати