Маестро Џамбазов – Што значи да си најстар македонски композитор по години и по стаж

30 ноември 2016

„Литература.мк“ беше местото каде што вчеравечер се одржа промоцијата на мнографијата насловена „Маестро Александар Џамбазов – Живот низ сеќавања, афоризми, сентенции“.

Голем број пријатели, другари уште од средношколските денови, соработници, почитувачи на ликот и делото на Маестро, дојдоа да го поддржат и да се радуваат на книгата, која за оваа музичка легенда претставува заокружување на неговото долго и плодно творештво.

Промотор беше Бранка Костиќ, музички критичар, етномузиколог и уредник на „Астрорум“ на „Литература.мк“, која укажа на комплексноста да се создаде едно вакво дело.

-Многу голем труд е вложен во оваа монографија. Не знам дали е едноставно да се направи вакво нешто кога имате жив извор до вас, со течна мисла, со сеќавања или е тешко во 260 страници да ставите работен век од 60 години и животен од 80 години –  изјави Костиќ.

Пред присутните се обратија и авторките на монографијата, музиколозите Елени Новаковска и Јулијана Папазова.

-Преку овие страници се потрудивме да го претставиме неговото значење за македонската забавната песна. Тој е еден од основачите на Скопскиот фестивал и ред други фестивали. Во оваа земја во еден друг период, бил виновен и за тоа кој филм ќе го гледаме. Тоа е така затоа што бил дел од комисијата која ги проценувала вредностите на филмовите кои се прикажувале пред македонската публика. Со тоа сакам да истакнам дека неговото значење не е само во областа на музиката, туку и за македонското општество – вели Елени Новаковска.

На тоа се надоврза Папазова, која истакна дека Џамбазов е еден од основачите на македонската забавна сцена после 1945-тата година.

- Оваа книга е една од ретките во кои се прави анализа на неговото комплетно творештво, не само за популарната, туку и детската музика, синфониската... Беше чест и задоволство да се работи со него. Најважно од сè ми беше што можев да учам од Маестро и што сум мотивирана да работам на нови музички теми од историјата на македонската музика. Нашите средби беа долги, интересни. Тој ни ја отстапи својата богата лична архива, а ние имавме огромна одговорност  да го обработиме и распределиме објективно неговото творештво, со цел да се добие една целосна слика за неговиот приватен и професионален живот – посочи Папазова.

На крајот од официјалниот дел, се обрати и Маестро, секогаш расположен за шега и полн со случувања што ќе ви измамат насмевка на лицето, како сведоштво за тоа што е човек, живот... Веројатно да му го дадете сето време на светот, повторно ќе биде малку да собере сè што тој би имал да каже.

-Многу ви благодарам на сите за честа што ми ја укажавте. За 37 години како диригент, јас не почувствував трема како вечерва. И сега размислувам, што значи да си најстар македонски композитор и по години и по стаж – рече Маестро Џамбазов и продолжи со своите анегдоти, посочувајќи дека ова дело е исполнето и со многу хумор, што го отсликува не само како музичар, туку и како човек.

Монографија е поддржана од Министерството за култура. За насловната страна пак, се погрижи Игор Стевковски – Стевац.

Она што ја прави уште поважна оваа книга е тоа што, благодарение на тоа што животот на композиторот се протега низ неколку различни историски времиња и општествени уредувања, се опфатени и различни општествени и социокултурни состојби, со што уште подобро можат да се разберат музичките, културните и општествените состојби, развојот или промените во последниот половина век и повеќе.

-Самиот факт дека книгата е создавана седум месеци, говори за посветеноста со која тимот работел на неа – посочи Костиќ.

Содржината е исполнета со документирани сведоштва (извадоци од весници), архивски материјали, интервјуа, лични искази на Џамбазов и луѓе блиски до него.

Монографијата е од продажен карактер. Може да се најде во СОКОМ и во Литература.мк, по цена од 500 денари.

Во продолжение погледнете дел од атмосферата:

Фото: fashionel.mk и Литература.мк

Објавено:
30 ноември 2016
Категорија: 
Култура
Прочитано:
1.399 пати