Македонската приказна „До Балчак“ пред скопската публика

19 октомври 2014

Очекувањата и возбудата по повод премиерата на македонскиот филм „До Балчак“ на Столе Попов, вчеравечер во киното Милениум ја доживеаја својата кулминација. На задоволство на актерската екипа која беше скоро во полн состав, режисерот, продуцентите и техничкиот тим, премиерата дојдоа да ја посетат и голем број високи владини функционери на чело со Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов и Премиерот Никола Груевски, уметници, театролози, критичари, режисери и голем број граѓани од различни сфери во нашето општество. Огромна чест и гламурозно претствување какво што треба да има секоја премиера на еден ваков македонски филм.

Во филмската авантура на почетокот не воведе мини изложбата во холот на киното Милениум која се состоеше од фотографии и костими од филмот. Директорот на филмскиот фонд Дарко Башески изјави дека овој филм ќе има премиери низ градовите во нашата земја, соседните земји, а се работи и на стратегија за негово дистрибуирање во останатите земји од Европа. Со оглед на фактот дека „До Балчак“ е годинешен кандидат во трката за номинација за Оскар во категоријата филм од неанглиско говорно подрачје, одговорноста, желбата и стимулот се уште поголеми и опфаќаат една подруга димензија во однос на негова промоција надвор.

Македонија е мала земја во срцето на Балканот која пет векови била под јаремот на Отоманската Империја. Дејството на филмот „До Балчак“ се одвива во годините на општото пропаѓање и слободниот пад на македонското востание во 1903 година и неговото крваво задушување.

Станува збор за сложен љубовен четириаголник помеѓу бунтовник кој е бескомпромисен идеалист, безмилосен турски офицер, син на богат човек кој после завршувањето на студиите во Европа се враќа дома во Македонија и една луцидна, слободна жена која флертува со тројцата мажи и која  поставува серија настани кои се поразителни и со непредвидливи последици. Ликовите се соочуваат со турбулентни судири кои резултираат со катарзични искуства на ослобудување и интелектуално освестување за ситуацијата во која се наоѓаат.

„Филмот е една остра романтична приказна која ја раскажува вечната македонска историја, потрагата по идентитетот и независноста која се гледа низ призмата на релативизмот на слобода, правда, љубов, жртва и предавство. Фатен во стапица еден од ликовите ја изјавува својата радикална филозофија „Ебате животот, ебате, ако не си спремен да умреш за него!“. Ова е приказна која датира повеќе од сто години, но изгледа многу модерна, актуелна и провокативна со оглед на фаталното повторување на историјата која е полна со емоции и жестока страст. Врската помеѓу Исламот и Христијанството го прави До Балчак многу интересен и современ филм кој се надевма дека ќе привлече гледачи од целиот свет“, вели во својата изјава режисерот Столе Попов, кој веќе пет или шест пати се наоѓа во трнливата трка за Оскаровска номинација.

Актерската екипа и техничкиот тим по завршувањето на проекцијата заедно со режисерот се поклонија на сцената, горди на својот успех кој еминентната публика граѓани ја награди со неколку аплаузи и овации.

„Во овој филм ја толкувам улогата на Крсто. Морам да кажам дека кога прв пат го прочитав сценариото, знаев дека го сакам овој лик. Во реализицијата на градењето на улогата која ја толкувам сметам дека многу ми помогна тоа што овој лик е многу поразличен од мене и од она што јас досега сум имал можност да го играм на сцена во театар или во филм. За мене претставува едно големо искуство да се биде дел од ваква екипа и чест да се соработува со режисер како што е Столе Попов“, вели актерот Сашко Коцев кој ја игра една од главните улоги во филмот.

„Јас имав дваесет години и бев студент на ФДУ кога еден ден Горан Стефановски се појави на час и ни го прочита сценариото за овој филм. Од тој момент знаев дека сакам да бидам дел од едно вакво филмско остварување чија реализација за чекавме триесет години. И Даниел Деј Луис беше на кастинг за овој филм, ама Сашко му ја зема улогата. Од прв до последен ден на снимање одев со радост. Сметам дека помеѓу мене и Столе постои една толку убава хемија и едвај чекам да работам некој нов проект со него“, меѓу другото истакна актерот Сенко Велинов.

„Мене најголем предизвик во филмот покрај улогата која ја толкувам ми беше учењето на францускиот јазик за што морам да признам дека не знам ниту збор. Јавањето исто така ми беше предизвик, а исто така сакам и да се заблагодарам на целата екипа, актерите, техничкиот тим сите кои се грижеа за нас и придонесоа да се реализира една толку убава филмска приказна“, рече младиот актер Мартин Јорданоски.

Само да напоменеме дека во филмот игра претежно макдонска екипа на актери меѓу кои во главните улоги ги видовме, словенечката актерка Инти Шрај, Сашко Коцев, Мартин Јорданоски, Тони Михајловски, потоа Искра Ветерова, Сенко Велинов, Мики Манојловиќ, Никола Којо, Никола Ристановски, Драган Спасов – Дац и многу други. Сценаристи на филмот се режисерот и Горан Стефановски, директор на фотографија е Апостол Трпески, музиката е на Дуке Бојаџиев, костиомографскиот аспект и беше доверен на Емилија Ивановска – Атанасовска, а шминката ја работеше Светлана Гутич. Филмот е снимен под продуцентската палка на Данчо Чевревски и Миливое Ѓорѓевиќ, потпомогнат од Филмскиот фонд и Министерството за култура на Република Македонија.

Во продолжение погледнете ја галеријата со фотографии од гости кои присуствуваа на синоќешната премиера:

 

 

 

Објавено:
19 октомври 2014
Категорија: 
Култура