Македонски радиски фестивал слави 10 години постоење

9 ноември 2017

Во присуство на медиумите и соработиниците, организаторите на Македонски радиски фестивал денеска ги соопштија деталите околу јубилејното десетото издание што ќе се одржи на 14-ти ноември во МОБ, со почеток од 20.30 часот.

Антонио Димитриевски посочи дека да се издржи цела деценија во не така сјајни услови за македонската музика не било воопшто лесна задача.

-Кога ја започнавме оваа приказна, во регионот веќе имаше три радиски фестивали, во Хрватска, Србија и Босна. Но, како што гледате, денеска ниту еден нив не постои. Последни почнавме, но успеавме да се одржиме и буквално да преживееме овие 10 години. МАРС – Македонска радио селекција стана препознатлив како фестивал, но всушност низ годините прерасна во манифестација која ги наградува пред сè изведувачите – посочи Димитриевски.

Тој ја искористи можноста да се заблагодари на сите долгогодишни соработници без кои манифестацијата не би можела да опстои. Еден од нив е и модниот бренд „Елена Лука".

-„Елена Лука" со години наназад се грижеше нашите водителски лица да бидат дотерани и убави и секогаш ја имавме нивната несебична поддршка, на што навистина сме им благодарни. Така ќе биде и ова јубилејно издание. Тие ќе бидат задолжени за изгледот на главната водителка на МАРС, Марија Петровска, која посебно за оваа пригода ќе допатува од Словенија, каде живее и работи последниве години – откри Антонио.

За разлика од претходните изданија, кога специјалните гости најчесто беа изведувачи од регионот, овој пат тоа ќе биде македонска група.

-Ревијалниот дел на МАРС 2017  одлучивме да  да биде исполнет само со македонски музички содржини.  Затоа, специјален гостин ќе биде групата „Меморија“ која четири дена по одржувањето на МАРС ќе има и свој концерт. Низ македонскиот музички времеплов ќе не водат танчерските точки со специјално подготвена кореографија на познати македонски евергрини, ДЈ сет од миксови на македонски ретро хитови, видео програма, а во улога на презентери и доделувачи на награди ќе ги видиме и дел од досегашните водители на фестивалот – објасни Димитриевски.

Од околу 500 селектирани песни испеани  од повеќе од 100 домашни изведувачи, по пат на пристигнатата радио-селекција на најзастапените хитови во македонскиот радиоетер се најдоа  на финалната вечер на МАРС 2017 во избор за наградувани радиски хитови на годината. МАРС 2017  и годинава ќе биде проследен со директен ТВ пренос на МТВ1, а финалната листа изгледа вака:

Влатко Лозаноски – „Ова лето ќе се памти“

Кристина Арнаудова – „Љубена“

Викторија Лоба – „Дојди“

Eye Cue – „Мојот крал“

Сара Мејс – „Небо“

Наташа Малинкова – „Хеј мама“

ДНК – „Невозможна мисија“

Димитар и Тајфата – „Остани“

Теа и Панчо – „Рушевини“

Ања Ветерова – „Рам бам бам“

Некст Тајм –  „Слушам кај шумат шумите“

Изведувачот чија  песна ќе биде прогласена за апсолутен радиски хит на 2017 година ќе добие парична награда од 60.000 денари, од организаторот на Македонскиот радиски фестивал. Авторот на најдобриот текст на една од финалните песни ќе добие 10.000 денари, награда што ја избираат естрадните новинари од различни медиуми во Македонија.

И годинава Конгресниот центар „Александар Македонски“ се јавува како организатор и продуцент на фестивал, кој е поддржан и од Град Скопје. 

Објавено:
9 ноември 2017
Категорија: 
Култура
Прочитано:
164 пати