Македонските музички великани Архангел ќе настапат на Д Фестивал!

7 јуни 2017

Откако својот настап на Д Фестивал го потврдија речиси 40 музички артисти од светската, регионалната и домашната сцена, програмата на новото фестивалско лето во Дојран станува уште посилна со едно од најголемите музички имиња од македонската сцена на сите времиња! Д Фестивал годинава има чест да биде домаќин на великанот од домашната музичка сцена, легендарната рок група Архангел која ќе настапи како хедлајнер на главната бина!

Фотографија: Stefan Rajhl photography.

Со своите безвременски хитови Архангел, како никој друг, постигна култен статус не само кај нас, туку ширум цела поранешна Југославија. Групата оформена во 1989 година од страна на Ристо Вртев, во својата кариера има издадено четири албуми: „Архангел 1" (1991), „Архангел 2" (1993), „Heart Core" (1998) и „Небесна машина" (2003). Со денес култните песни од овие албуми, Архангел се смета за една од најдобрите групи во Македонија во деведесеттите години на минатиот век, која безмалку цели три децении убедливо стои на врвот од најреспектираните музички имиња кај нас. Станува збор за едно од малкуте музички артисти кои со своето творештво оставија најзначаен белег на современата музичка сцена на Македонија и одбележаа генерации чија младост одекнува преку нивната музика.

Неверојатно моќниот уметнички израз, пораката и енергијата која Архангел ја пренесува на своите настапи, без сомнеж наговестува дека пред нас е еден незаборавен концерт на Д Фестивал кој пак, како единствен летен open-air фестивал во државава ветува уште едно издание кое ќе влезе во листата на највпечатливите досега. Потврда за тоа е секако и безвременото творештво на АРХАНГЕЛ и култните песни како „Милион долари", „Нож", „Војна", „Сениште", „Uber Makedonische", „Архангел", „Молк", „Човек без име и презиме", „Вина, невина" и ред други, кои годинава ќе одекнат на главната бина на Д Фестивал.

Објавено:
7 јуни 2017
Категорија: 
Култура
Прочитано:
207 пати