„Македонско село“ – идеално место за бегство од градот

15 јули 2016

Пред неполн месец во близина на Нерези, поточно спроти манастирот „Св.Панталејмон“ се отвори новиот комплекс „Македонско село“.

фото: macedonianvillage.mk

Се упативме на ова ново место во, а сепак надвор од градот и тоа само на 15-тина минути од него, и она што веднаш ќе го забележите е прекрасен поглед и автентична атмосфера.

Нѐ пречека Павле Камилоски, кој ја врши функцијата директор, и кој уште на самиот влез ни ја откри идејата за отворање на едно вакво место.

-Првичната цел и замисла за отворање на овој комплекс беше да се зголеми туризмот во Скопје, па и во Македонија. Како што можете да видите, комплексот е приказна сама за себе. Како да влегува човек во една бајка. За мене е како еден вид филмско студио каде може да се види Македонија во мало – вели Камилоски.

Павле Камилоски

Инаку, комплексот е отворен кон крајот на јуни, а со оглед дека нема уште ни месец дена од функционирањето, тимот е задоволен од интересот и посетеноста што владее.

Ако сте некој што секогаш со задоволство ги гледал „Македонски народни приказни“ и се воодушевувал, тогаш „Македонско село“ несомнено ќе ви се допадне.

-Секој овде што влегол, а верувам и оние што допрва ќе дојдат, е фасциниран од изградбата на куќите, од знаменитостите што ги има Македонија. Има работилница за филигран, грнчарска работилница, ткајачница. Ние се трудиме занаетите што се пред умирање, повторно да ги оживееме – потенцира Павле.

Комплексот е сочинет од 12 тематски куќи, а секоја претставува по еден град од Македонија -  беровска, делчевска, кумановска, реканска, струшка, прилепска, тетовска, кратовска, галичка, битолска, велешка и куќа од Скопска Црна Гора.

Во долниот дел од куќите се дел од занаетчиските работилници, додека на горниот кат има соби за престој. Во битолската куќа, на пример, се наоѓа споменатата грнчарска работилница, па тие што ги интересира ќе имаат можност да влезат внатре, да се обидат сами да направат нешто со помош на занаетчијата вработен таму, или пак да купат нешто од готовите производи.

Кога сме кај престојот, комплексот вклучува и хотел, огромно зелено пространство, со прекрасно уредена хортикултура, продавница за сувенири, маркет, како и неколку места за одмор и вкусна храна.

-Имаме три ресторани - во едниот се служи традиционална храна, потоа имаме и етно бар. Неговото функционирање е замислено како пуб, каде што се служи храна од типот на пржени прсти, крилца и слично. Третиот пак, „Антигона“, што се очекува наскоро да се отвори  е замислен како интернационален ресторан, каде што ќе се послужува храна што не може да се сретне во Македонија. Ќе се служи на пример говедско месо што ретко кој ресторан во Македонија го приготвува, а кај нас ќе го има во редовната понуда. Ќе има и морска храна, свежи риби, ќе се точи увозно и наше македонско квалитетно вино – ни објасни директорот.

За комплетно уживање и доживување, обезбеден е и простор за најмалите, каде што ќе можат да се забавуваат, како и огромно зелено пространство со домашни животни, што исто така буди интерес кај најмладите, па и возрасните љубители на животни.

Комплексот се простира на околу 10.000 квадрати, а располага со 50 вработени, а се очекува вкупната бројка да биде околу 70.

-Еден ваков комплекс е потребен бидејќи е блиску до градот, а сепак ви дава можност да избегате од него. Има прекрасен чист воздух. Температурата овде е седум до осум степени пониска отколку во центарот, а кога на тоа ќе ја додадете вкусната храна, љубезниот персонал и автентичниот амбиент, уживањето е посебно – вели Павле.

Во продолжение погледнете ги и фотографиите од нашата прошетка таму. Доколку сѐ уште не сте го виделе ова место, за кое сѐ повеќе се зборува, ова се и повеќе од доволни причини уште овој викенд да го сторите тоа.

 

*Спонзорирана објава
Објавено:
15 јули 2016
Категорија: 
Култура
Прочитано:
8.156 пати