Македонското издание на „Како да бидеш парижанка, каде и да си“ ќе се промовира во „Излет“

21 октомври 2016

Македонското издание на популарната книга „Како да бидеш парижанка, каде и да си" од четирите авторки: Ан Берест, Одри Диван, Каролин де Мегре и Софи Мас ќе биде промовирано на 26. октомври (среда) во 21 часот во кафулето „Излет".


Се работи за модни приказни од реалниот живот на четирите авторки - парижанки кои во кратки, шеговити делови, ви го претставуваат нивниот оригинален поглед на стилот, културата, однесувањето и мажите и на тоа што значи да се биде парижанка: како тие се облекуваат, како се забавуваат, како се однесуваат.

Овие талентирани боемски иконоборци, со кариери во светот на музиката, филмот, модата и издаваштвото, се невообичаено искрени и без влакна на јазикот ги разголуваат митовите за тоа што значи да си Французинка денес. Тие ви допуштаат да влезете во нивните тајни и мани, и се шегуваат за нивните комплицирани, често контрадикторни чувства и однесување. Признаваат дека се снобови, по малку егоцентрични, непредвидливи, но не и непостојани. Сакаат да шефуваат и се самоуверени, но истовремено се нежни и романтични.

Ќе ве одведат на прв состанок, на забава, ќе поминете низ мамурлак, ќе одите на некои од омилените „свратилишта" во Париз, на село, и на една од нивните вечери со совети за готвење што ќе ги прелажат гостите дека тоа било лесно. Излегувањето со нив носи неволји и изненадувања. Ќе ви кажат како да бидете мистериозни и сензуални, како да изгледате природно, како да го направите вашиот партнер љубоморен, и што мислат за деца, брак и за фитнес. И, ќе споделат со вас адреси од места во Париз што треба да ги посетите: пред да заврши ноќта, за роденден, за елегантен состанок, за вредни старински работи и уште многу повеќе.

Книгата на македонски јазик е во издание на „Полица".

Објавено:
21 октомври 2016
Категорија: 
Култура
Прочитано:
725 пати