МАН го реанимираше пулсот на домашната алтернативна сцена

31 мај 2015

„Школка“ во градскиот парк во Скопје е местото кое вчера сведочеше за богатството и квалитетот на македонската алтернативна сцена, но и за публиката која е жедна за вистинска, квалитетна музика.

Во организација на алтернативната-интернет телевизија „Бла бла“ беа организирани првите Македонски алтернативни награди (МАН) што имаат за цел да им ја дадат должната почит на сите оние музички имиња, бендови, институции и поединци кои се заслужни за прогресот на домашната алтернативна сцена.

Со симболични статуетки и длабок поклон, им беше оддадено признание на звучни имиња во кругот на некомерцијалната музика, а списокот броеше над 30-на состави од различни генерации и музички правци: С.А.Ф, Чиста околина, АГО (МоустВантед , Темната страна), ДА Џака Накот (Легијата), Ласт Експедишн, Мизар, Архангел,Бернајз Пропаганда, ПМГ Колектив, Анастасија, Санаториум, Смат, К.У.Р., Лоши Деца, Мозаик, Сашо Гигов Гиш (Ле Колон Волвокс), Конкверинг Лајон, Суперхикс, Бла Бла Бла, Кирил Џајковски, Гуру Харе, Фолтин, Мугер Фугер, Канал 103, Фрешко, Шурбе, Логин (Пасворд продукција), ПМГ Рекордингс, Мите Домовски (Проуцент, студио Тра Ла Ла).

Исто така статуетки им беа доделени и на култното радио 103, како и на Младинскиот културен центар.

На сцената на „школка“ дел од музичките состави ја почастија публиката со перформанс во живо, на што присутните одлично реагираа, што е уште една потврда дека ни недостасуваат настани од овој калибар и простор за развој на оваа сцена која има и тоа каков потенцијал.

Од организацијата додаваат дека целта на Македонските алтернативни награди е да станат традиционални. Замислата е веќе од наредната година да има гласање за најдобар албум, сигнл, видео-спот, млад бенд во повеќе различни жанрови и категории.

Па, се гледаме на следните МАН!

 

Објавено:
31 мај 2015
Категорија: 
Култура