„Виенскиот бал“ прослави полнолетство

13 март 2017

Во хотелот „Александар Палас“ во Скопје, во саботата традиционално се одржа 18-тото издание на „Виенски бал“.

Дел од дипломатскиот кор, познати личности од културниот, уметнички и бизнис свет кај нас, уште еднаш беа дел од настанот што има за цел да ја пренесе австриската култура, како и да ги обедини музиката, танцот и хуманоста.

Како и секоја година, секој се потруди да го испочитува посочениот дрес код – дамите да се во свечени, долги креации, а мажите во темни одела или смокинзи.

Дел од нив својата доверба ѝ ја дадоа на модната куќа „Елена Лука“.

Новинарката и водителка Александра Велинова се појави во црн, долг фустан, од нежна, транспарентна тантела, со светкави детали, од последната празнична колекција на брендот.

Александра Велинова

Изборот пак, на припадничката на тимот на ОБСЕ во Македонија, Нина Сумалаинен, беше раскошна црвена креација, збогатена со украсни камења во делот на половината.

Инаку, за потсетување, манифестацијата и овој пат беше во организација на Здружението за културна соработка меѓу Македонија и Австрија -„Јохан Штраус“, под покровителство на австриската амбасадата во Македонија.

Токму затоа и официјалниот дел од вечерта ја отворија и амбасадорката на Австрија во Македонија, Ренате Коблер. Таа ги поздрави гостите и посочи дека „Виенскиот бал е традиционално културна и музичка манифестација, која воедно е и потврда за соработката на двете земји во областа на културата и уметноста.

Коблер ја искористи можноста да му оддаде почит и на неодамна починатиот диригент, Саша Николовски – Ѓумар, кој беше на чело на оркестарот минатата година.

Ова пак, оркестарот „Јохан Штраус“ беше под водство на маестро Емин Џијан. Со почетокот на звуците на „Полонеза“ од Штраус, познатиот Радетски марш и валцерите „На убавиот син Дунав“ и „Виенска крв“, на подиумот се појавија и танчарите на танцовото студио „Прима Данца“, кои се потрудија макар за момент да се почувствуваме како навистина да сме во Виена.

За останатиот дел од забавата се погрижија „Џез биг-бендот“ на Здружението на џез музичари и слободни уметници, Џон Илија Аплегрен, младата пејачка Калина Велковска и Дејан Бобиќ Дексо, кои направија присутните да ги доживеат познатите евергрини на сосема поинаков начин.

Водител и домаќин на настанот, трета година по ред беше Јована Стојменовиќ.

На крајот, и оваа година не беше одминат хуманиот аспект, па дел од средствата од продадените билети ќе се наменат за Здружението на граѓани за третман на лицата од аутизам, АДХД и Аспергеров синдром – „Во мојот свет“.

Во галеријата во продолжение пак, ќе имате можност да погледнете дел од атмосферата.

Објавено:
13 март 2017
Категорија: 
Култура
Прочитано:
2.459 пати