МАРС 2016: Прогласени најпопуларните радиски хитови за годинава

22 ноември 2016

И покрај неизвесната стуација на македонската музичка сцена, вчеравечер на сцената на Македонската опера и балет се одржа деветото издание на Македонскиот радиски фестивал – МАРС 2016.

Организаторите, со помош на селекцијата од 40-тина национални радио станици, потоа 12-члено жири составено од претставници на исто толку радио станици од Македонија, како и гласовите кои публиката имаше можност да ги дава на фејсбук страната на МАРС изминативе неколку дена, беа одбрани песните што ја одбележаа годинава на изминување.

Честа прва да настапи ѝ припадна на младата пејачка Елена Миленковска.

Таа ја доби наградата за Ѕвезда во подем, и во смела и транспарентна креација ја изведе композицијата „Ти ми рече не“.

Елена Миленковска

Наградата за фестивалски асови ѝ припадна на Пепа Димитрова, додека за најдобра радиска балада беше прогласена „Плачат и најсилни“ во изведба на Магдалена Цветковска.

Меѓу наградените се најде и Влатко Илиевски, кој со композицијата „Македонка“ ја однесе наградата од категоријата –Рок хит со етно елементи.

За радиски поп-хит беше прогласена „Бомбона“ на Влатко Лозановски.

Со громогласен аплауз и овации од публиката беше проследено појавувањето на групата ДНК на сцена. Тие ги примија наградите за најдобар радиски аренби хит и хит испејан од група. Расположени и „народни“ ги расположија присутните и со својот поздрав, но и со изведбата на хитот „Само таа знае како“.

ДНК

Меѓу наградените годинава беа и Александар Тарабунов, чија композиција „Дал’ има“ беше прогласена за Радиски хит испеан од машки вокал и Радиски хит по избор на публиката.

Во категоријата Радиски хит испеан од женски вокал, наградата ѝ припадна на Наташа Малинкова за „Само мој“.

Ако зборуваме за добрите настапи, таков беше и оној на Елена Ристеска и Панчо, за песната „Како да се радувам“, која беше прогласена за Апсолутен радиски хит, а нивната соработка за најдобро партнерство за хит. Новинарите пак, со своите гласови им доделија уште една награда – Најдобар текст на песна.

-Ви благодарам за наградите. Многу ни значи и нè мотивира. Наградите ги посветувам на мојот татко и на сите оние што ја изгубиле борбата, или имале некој кој ја изгубил борбата со ракот – ѝ се обрати Ристеска на публиката, која со огромен аплауз ја поддржа и охрабри.

Со танцова група, осмислена кореографија и бохо изглед, Елена уште еднаш покажа дека пристапува со голема почит кон сцената на која настапува и публиката која ја гледа.

Џина Папас Џокси ја доби наградата за Трајни вредности за особени заслуги во афирмацијата и популаризацијата на македонската музика.

-Следната година ќе прославам 40 години музичка активност, време за кое се трудев да направам нешто за кое се надевам ќе остави трага и ќе зборува и после мене за мојата работа – рече Џокси, кој потоа пред присутните ја изведе композицијата „Опиј ме“.

Деветото издание на МАРС го затворија гостинките од Србија – Наташа Беквалац и Гоца Тржан, кои испеаја дел од својот репертоар, како изведувачи од регионот со најслушаните песни на нашите радио станици.

Наташа Беквалац

За секој од наградените годинава следеше и финасиска добивка и подароци од спонзорите, за што повеќе можете да прочитате на линкот тука.

Од изјавите на изведувачите, генерален впечаток е дека м недостасува поддршка за нивната работа, па затоа овој фестивал и признанијата што ги добија вчеравечер им се од особена важност и посебен мотив за понатамошното творештво.

Гоца Тржан

Организаторите ветија дека ќе останат доследни на својата поддршка и ќе се потрудат десетото, јубилејно издание да биде уште подобро и повторно во знакот на убавата македонска музика, секако со уште поголема поддршка од македонската публика.

Во продолжение погледнете дел од атмосферата и изведувачите на сцена:

Објавено:
22 ноември 2016
Категорија: 
Култура
Прочитано:
3.302 пати