МАРС 2017 – единствената вечер каде се наградува македонската поп музика

15 ноември 2017

Во Македонската опера и балет, вчеравечер одекнуваа звуци на македонска поп музика. Поводот беше јубилејното, десетто издание на Македонскиот радиски фестивал, односно МАРС (Македонска радио селекција).

Присутните имаа можност да ги слушнат најдобрите хитови од годинава и да уживаат во една, комплетно македонска вечер.

Ребис не' водеа низ музичкиот времеплов

По повод роденденот, организаторите, КЦ „Александар Македонски“ и Антонио Димитриевски, се потрудија да направат вистински музички времеплов, во што им помогнаа танцовото студио „Ребис“ и диџеј Мастер Хит, кој нè потсетуваше на радиските хитови изминатава деценија. Но, и водителите што досега биле дел од оваа манифестација, а се појавија на сцената во улога на доделувачи на награди, ја искористија можноста да евоцираат спомени.

Она што е заеднички впечаток е дека МАРС успеа да се избори со актуелните трендови, со „Јутјуб“ и генерално, доминацијата на социјалните мрежи и да остане доследен во промовирањето и афирмирањето на македонската музика.

Водителката Марија Петровска во креација на Елена Лука

Истовремено, мора да се потенцира дека, ова е единствената манифестација која ги наградува изведувачите и го врти фокусот на домашната музичка сцена, порачувајќи дека сепак некој го следи трудот на македонските музичари.

За таа цел, кратко поразговаравме и со Антонио Димитриевски, кој го сподели неговото видување за изминатава деценија:

Антонио Димитриевски

-Генерално, сметам дека со исклучок на двете години кога беа актуелни случувањата со ЗАМП и забраната за емитување македонска музика, што се одрази и МАРС да не биде во најдобро издание, се вративме во вистински сјај и ја повторивме кулминацијата од 2015 година. Се потрудивме сето тоа да го надградиме визуелно и содржински и за јубилејот направивме комплетно македонска вечер - од специјалните гости, преку доделувачите на наградите, до диџеј сетовите и песните, па изведувачите, улична приказна на „Ребис“... Мислам дека тоа е Македонија. Ние сме мал пазар, мала сцена, но имаме доволно потенцијал и сила да го направиме тоа што можеме во рамки на нашите можности, на тој определен буџет што го имаме како инфраструктура, сали, придружна опрема итн... – објасни Димитриевски.

Тој додаде дека една од целите е ова што се правело во изминатите десет години да биде сведоштво, но уште повеќе поттик за следните генерации.

тимот на МАРС

-Се надевам дека на генерациите што доаѓаат, ќе им бидеме добар показател, ќе бидеме тие што им го осветлуваат патот за сето ова да го надградат, за да остане македонската музика како некаков идентитет. Ако фолклорната, изворна музика била идентитет на овој народ, верувајте дека овие што вечерва се појавија на сцената, за едно 100 години ќе бидат она што денес е „Слушам кај шумат шумите“, или било која народна песна. Тоа е она по што ќе нè паметат идните генерации, се надевам дека Македонија ќи македонскиот народ ќе опстанат долги години, а со тоа и македонската музика – рече за крај Антонио.

Оваа вечер беше посебна и за водителката Марија Петровска, која најдолго беше дел од МАРС. По повод јубилејното издание, таа специјално допатува од Словенија, каде живее и работи последниве години.

Некст Тајм ја имаат најдобрата преработка за „Слушам кај шумат шумите“

- Оваа вечер ја доживеав многу емотивно. Повторно се потсетив колку ми недостига сето ова. Некако, го променив начинот на живот, меѓутоа телевизијата, македонската музика, медиумите - тоа е моја голема љубов. Се надевам дека набргу повторно ќе се видиме и дека ќе сакаат уште почесто да се враќам – вели Петровска, која одлично ја водеше вечерта посветена на успехот.

А кога е успехот во прашање, таа ја спомена и модната куќа „Елена Лука“, која и оваа година се погрижи Марија да изгледа убаво на сцената.

-Досега многу пати сум соработувала со „Елена Лука“, а конкретно за МАРС секогаш биле задолжени за мојот изглед. Морам да признам дека уште еднаш успеаја и мене да ме воодушеват со нивниот избор и креација, која овој пат беше во црвена боја, што асоцира на среќа, радост, љубов. Навистина со гордост ги носам креациите на „Елена Лука“ и им благодарам што секогаш го имаат вистинскиот избор за мене – потенцираше водителката.

Елегантната креација е во асиметричен крој, во горниот дел корсетски изведена. Предниот дел на здолништето пак, е збогатен со плисирано парче, што не само што ја прави креацијата поинтересна и впечатлива, туку придонесува уште повеќе за леснотијата и лелеавоста при движењето.

Кога се изведувачите во прашање, мажите се држеа до проверената естетика, но мора да се признае дека жените беа похрабри во модниот избор. На сцената доминираа смели стајлинзи со истакнат сексапил, во склад со естетскиот сензибилитет на изведувачот, во што ќе се уверите и од фотографиите во галеријата.

„Ова лето ќе се памти“, во изведба на Влатко Лозановски, е апсолутниот хит за 2017 година. За крај, роденденската вечер заврши со групата „Меморија“ која ја доби наградата за трајни вредности, а присутните уживаа во изведбата на „Зошто Боже“, што воедно беше загревање за претстојниот концерт што ќе се случи в сабота.

Лозано и „Ова лето ќе се памети“ - апсолутен радиски хит за 2017

„Меморија“ ја добија наградата за Трајни вредности

Во продолжение пак, погледнете кои се останатите хитови и наградени изведувачи што ја одбележаа оваа година на изминување. 

Ѕвезда што се раѓа -  АЊА ВЕТЕРОВА – „Рам Бам Бам" 

Радиски Хит со Етно Мотиви - ДИМИТАР И ТАЈФАТА – „Остани" 

Радиски Диско хит - САРА МЕЈС –„Небо" 

Радиски Поп хит - ВИКТОРИЈА ЛОБА – „Дојди" 

Ар Ен Би хит - ДНК – „Невозможна мисија" 

Најдобта Радиска балада - КРИСТИНА АРНАУДОВА – „Љубена" 

Партнерство за Хит - ТЕА И ПАНЧО – „Рушевини" 

Радиски Хит изведен од група - АЈ КЈУ – „Мојот крал" 

Радиски Хит изведен од женски вокал - НАТАША МАЛИНКОВА – „Хеј мама" 

Радиски хит изведен од машки вокал - ЛОЗАНО – „Ова лето ќе се памти"

Апсолутен радиски хит - ЛОЗАНО – „Ова лето ќе се памти"

Најдобар текст на песна - ЛОЗАНО – „Ова лето ќе се памти" 

Најдобра преработка - НЕКСТ ТАЈМ – „Слушам кај шумат шумите" 

Награда за трајни вредности - МЕМОРИЈА 

Објавено:
15 ноември 2017
Категорија: 
Култура
Прочитано:
960 пати