Медените се победници!

10 февруари 2020

Без златна статуетка, но со мисија успешно завршена! Медените го свртеа вниманието на светот кон она што е највредно – враќање на балансот на природата која очајно ја губи својата рамнотежа.

Во сериозната конкуренција во категоријата за Најдобар документарен филм и Најдобар странски филм, нашата „Медена земја“ важеше за еден од фаворитите, а главната протагонистка Атиџе за еден од најсветлите ликови на 92. издание на Оскарите.

Сепак златните статуетки отидоа кај „American factory“ за Најдобар документарен филм и „Parasite“,  за најдобар интернационален филм.

„„Пред сѐ, сакаме да се заблагодариме на сите што нѐ бодреа и веруваа во нас.

Сепак, и покрај тоа што „Медена земја" не доби Оскар, сосема сме свесни за големината на овој филм, за значењето на пораката што ја пренесува, за силата на бескрајните приказни што се кријат во оваа земја и за многуте наши талентирани уметници кои знаат како тие приказни да ѝ ги покажат на публиката. Почестени сме што бевме номинирани покрај овие одлични филмаџии со смели приказни кои им се обраќаат на луѓето од целиот свет, на универзалниот јазик на кинематографијата. Не можеше да се предвиди дека нашиот филм ќе влезе во историјата на Македонија и во историјата на номинациите за „Оскар". „Медена земја" истовремено беше номиниран во две категории, за најдобар документарен и за најдобар интернационален филм, затоа што универзалноста на приказната и јазикот на филмот ја даваат неговата компетентност и сила да се натпреварува со останатите номинирани. Кога го промовиравме филмот на фестивалот „Санданс", пред повеќе од една година, не се ни надевавме дека ќе стигнеме толку далеку. Им се заблагодаруваме на сите што веруваа во нашиот мал филм и нè поддржуваа, а особено му се заблагодаруваме на дистрибутерот „Неон" за вербата во моќта на кинематографијата и во смелото раскажување приказни.

На крај, би сакале да ѝ се заблагодариме на нашата водечка ѕвезда, Атиџе Муртова што ни дозволи да влеземе во нејзиниот прекрасен свет. Филозофијата на Атиџе ‒ земи половина, остави половина ‒ е едноставна, но длабока. Тоа е порака во којашто може да се пронајде секоја публика. Горди сме што сме гласниците на таа порака.", се вели во изјавата од екипата на нивната официјална фејсбук страна.

И главната протагонистка на документарецот, Атиџе Муртова, од Лос Анџелес ја упатува својата порака:
‒ Мојот живот по снимањето на филмот драстично се промени. Сега имам нова куќа, и сѐ станува подобро и подобро. Сакам публиката да извлече само една порака од филмот: како што јас споделувам со своите пчели, така сакам и сите луѓе да споделуваат едни со други.

„Медена земја" е освестување! Заслужено го доби сето внимание не само на стручната јавност, туку и на секој обичен човек, од публика низ светот која не разбира ниту македонски ниту турски, но го разбира јазикот на човештвото, од проста причина што сите сме во истата кошница! Атиџе е нашата матица. Само матица како Атиџе може да проникне во надеж за човештво кое има иднина!

Благодариме и што, покрај благородната порака, не потсетивте дека големите соништа се достижни, дури и за мали земји како што е нашата. 

Честитки на екипата за сè досега постигнато, вратите се сега отворени за уште многу нови успеси!

Објавено:
10 февруари 2020
Категорија: 
Култура
Прочитано:
4.811 пати