„Меморија“: Концерот ќе биде забава за цела Македонија

8 ноември 2017

Во просториите на ресторан „Пелистер“ денеска беше одржана последната средба на членовите од групата „Меморија“ со медиумите, пред одржувањето на долгонајавуваниот концерт што ќе се случи на 18-ти ноември во „Метрополис Арената“.

Повод за средбата не беше само концертот, туку и ново ЦД, кое ги обединува нивните најголеми хитови.

фото извор: facebook.com/VIS.Memorija/Radovan Vujovic

-Како што ветивме, The Greatest Hits е ЦД-то што денеска го претставуваме пред јавноста. Првото беше компилација на балади, а ова е сега со уште еден дел од песните што ја одбележаа нашата кариера, и се делумно со побрз ритам. Исто така, по концертот ќе следи и нова песна од „Меморија“, која ќе ја промовираме во февруари следната година. А на истиот датум, 18-ти ноември, догодина ќе биде презентиран и комплетно нов албум од групата – најави Петар Георгиевски – Камиказа.

Што се однесува до големото музичко случување, последните подготовки се во тек.

фото извор: facebook.com/VIS.Memorija/Radovan Vujovic

-Технички сме подготвени. Возбудени сме и едвај чекаме да дојде моментот. Звукот што го постигнавме е она што отсекогаш сме го посакувале. Научивме да се слушаме, во секоја смисла, па веќе нема доминација за тоа кој е најдобар, туку сме целина и подобри од кога било – едногласни се членовите на групата.

Според податоците со кои располагаат, во продажба се останати уште 1.500 влезници, а преку Фејсбук страната добиваат информации дека има голем број луѓе од внатрешноста што ќе присуствуваат на концертот.

-На страната на „Вис Меморија“ нè известија да очекуваме и публика од Штип, Кочани, Велес... А всушност, тоа е и целта. Овој концерт ќе биде забава за цела Македонија. Ќе се обединиме сите – вели Камиказа.

Членовите изразија и жалење што со овој концерт всушност и ќе заврши приказната за „Скопски саем“.

Со оглед на тоа дека се посветува и големо внимание на севкупната организација, од групата посочија дека публиката во ФАН-Пит, каде ќе бидат сместени и новинарите, што е вистинска реткост, ќе може да влезе на службениот влез од салата, додека оние за Партер, од главниот. На оние пак со ВИП влезници, ќе им биде овозможено да влезат од задната страна. Ваквата распределба е направена со цел да се одбегне метежот и турканиците.

фото извор: facebook.com/VIS.Memorija/

Одбројувањето започна, уште десет дена до концертот за кој сите заедно, и членовите на групата и публиката, ќе доживеат моменти што ќе бидат врежани длабоко во меморијата.

За потсетување, како гости на концертот ќе се појават Никола Перески Пере од „Нокаут“, Мики Јовановски Џафер, со која ќе ја изведат песната „Одам на југ“. За атмосферата ќе придонесат и Леа Таки и Гранит, како и гевгелиската група „Зијан“, а официјалниот почеток е од 20 часот.

 

Објавено:
8 ноември 2017
Категорија: 
Култура
Прочитано:
247 пати