„Меморија“ направи албум и одличен гест

5 јули 2017

Во присуство на медиумите и пријателите, групата „Меморија“ денеска одржа конференција за јавноста, каде ги сподели новитетите во однос на концертот и нивната музичка активност во моментот.

После 25 години, култната група издаде це-де со 11 композиции, обединети под името „Меморија антологија балади“.

-Сметавме дека имаме доволно балади за да направиме една ваква музичка приказна. Тоа се 11 хитови и на тој начин правиме нешто што ќе остане. Инаку, имаме информација дека продажбата на картите оди одлично и дека најчесто се купуваат по четири или шест карти, што значи дека цели семејства ќе присуствуваат на концертот на 18-ти ноември, што ни е многу драго. Токму затоа, се надеваме дека со ова ќе ги израдуваме и старите обожаватели, но ќе имаме и нови, од помладата генерација – изјави Петар Георгиевски.

Со оглед на тоа дека до концертот има уште речиси пет месеци, се наметна и прашањето зошто толку рано ја започнаа кампањата:

-А зошто Стинг ја почна толку рано? Луѓето забораваат и навикнати се да прават сè во последен момент – потенцира Георгиевски.

Подготовките за музичкиот спектакл во ноември се во тек, а како велат, сè што прават го финансираат самите. Поддршката од деловниот свет сè уште ја нема.

-Ние за сега ве имаме вас медиумите како поддршка. Се надевам ќе имаме и спонзори наскоро и поддршка од македонското стопанство, но и ако ги нема, ние ќе направиме сè што сме наумиле. Народен бенд сме и сакаме да направиме концерт достоен за целата држава. Порано имавме многу поддржувачи, можеше да се живее од музика, сега работите се сменија, дојдоа нови времиња, во кои мора човек сè одново да учи. Сакаме да бидеме инспирација и поттик за сите други бендови што се појавија после нас, да направат обединување. Ние ќе го пробиеме ледот, па ќе видиме што ќе се случи понатаму – објаснува Петар.

На прашањето дали ќе има концерти и во другите градови, членовите на групата потенцираа дека тоа е нешто што ќе се знае после 18-ноември:

-Одлуката ќе ја донесеме заедно, ние, новинарите и публиката. Исто така, сакаме да напоменеме дека се подготвува и уште едно це-де „Memorija - The Greatest Hits“, како и сосема нов албум, со кој сакаме да покажеме дека уште размислуваме и уште ја сакаме музиката.  И концертот ќе се снима и тоа со 12 камери, така што ќе направиме комплето заокружување на приказната.

На првата прес конференција пред неколку месеци беше најавено дека на концертот ќе има гости, а „Зијан“ од Гевгелија ќе бидат едни од нив, но не и единствени.

-Освен „Зијан“, на концертот ќе гостува и Мики Јовановски Џафер и Пере од „Ноакут“. Со тоа сврзуваме неколку генерации. Исто така, и Ристо и Поце направија неколку нови дуети кои публиката ќе има можност да ги слушне. Со сè што правиме, ќе се потрудиме да го вратиме она што некаде по пат се изгубило – вели Камиказа.

А освен музиката, тоа е и човечноста. Имено, на денешната конференција членовите на групата „Меморија им го отстапија вниманието и просторот на дел од членовите на групата „Ki“, кои победија на неодамна одржаната 51-ва „Гитаријада“ во Зајечар.

-Неодамна се вративме од Зајечар и настанот кој што беше беспрекорен во организација, а од голема важност за нас. Отидовме како атусајдери и пеевме на македонски јазик. За жал, јазична бариера кај младата генерација од Балканот, посебно поранешна Југославија постои, но нашиот квалитет исплива на површина и по сите оцени на жири комисијата ние го освоивме првото место – ни раскажаа Александар и Стефан.

Како првопласирани, тие добиваат можност да снимаат албум што е секако остварување на нивната цел.

-Нашата група брои четири члена, свириме спој на гитарски рок и електронска музика. Се трудиме да бидеме уникатни и свои. Млади сме, ова во Зајечар беше наш трет настап. Претходно бевме дел и од „Демофест“ во Бања Лука, каде што имавме одличен прием, исто така. Албумот е веќе при крај, а на социјалните мрежи македонската публика може да ја слушне песната „Град“, која е и носечка. Наскоро планираме и балканска турнеја, со што уште повеќе ќе го зацврстиме патот што сакаме да го изодиме. Многу сме благодарни на оваа шанса што ни се даде денеска и се надеваме дека ќе успееме во намерата нашата приказна да се рашири во саканите рамки и музиката да нè спои сите – изјавија за крај младите музичари.

Инаку, за потсетување, продажбата на картите за концертот на „Меморија“ е во тек, а цената е 500 денари во која е вклучено и це-дето што денеска го презентираа.

Објавено:
5 јули 2017
Категорија: 
Култура
Прочитано:
1.563 пати